Вкупно 144 лица годинава го загубиле животот во сообраќајни несреќи на патиштата во Македонија, од кои 9 деца на возраст до четири години и 13 деца на возраст од пет до 18 години.
Генералниот секретар на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на Македонија (РСБСП) Ристо Манчев на денешната пресконференција рече дека според последните статистички податоци на РСБСП во 2015 година вкупно 144 лица го загубиле животот во сообраќајни незгоди, што е мало зголемување во споредба со минатата 2014 година кога на патиштата во земјата животот го загубиле 130 лица.
– Во просек на годишно ниво во Македонија од 160 до 170 лица го губат животот во сообраќајни незгоди, од кои најлоша беше 2013 година кога 198 лица го загубија животот во сообраќајни незгоди. Последните две години има одреден тренд на намалување, рече Манчев, додавајќи дека не се задоволни со таа бројка и дека е потребно заеднички сите во следната година да работиме за нејзино намалување.
Анализите на РСБСП покажуваат дека по категории на учесници во сообраќајот во 2015 година најмногу страдале пешаците, односно 43 пешаци го загубиле животот во сообраќајни незгоди, од кои 60 проценти се лица над 60 годишна возраст.
– Во просек во ЕУ пет лица на 100.000 жители го губат животот во сообраќајни незгоди, додека во Македонија за 2015 година таа бројка изнесува 7,2 лица. Иако овој индикатор за безбедност на сообраќајот на патиштата покажува подобри резултати во однос на останатите земји од регионот, сметам дека со повисоко ниво на јавна свест, со повисоко ниво на лична одговорност на сите учесници и со засилени активности на сите надлежни институции оваа бројка може значително да биде подобрена, рече Манчев.
Анализата на бројот на жртви од сообраќајни несреќи на РСБСП за 2014 година покажува дека на патиштата во Македонија животот го загубиле 6,5 лица на 100.000 жители, додека во земјите од регинот во Грција таа бројка е 7,2 лица, во Хрватска 7,3 лица, во Бугарија 9,0 лица во Романија 9,1 лице, во Србија 9,5 лица, во Албанија 12,8 лица, а во Босна и Херцеговина 14,2 лица. Во земјите членки на ЕУ најмалку загинати на 100.000 жители во сообраќајни незгоди во 2014 година имаат Велика Британија со 2,8 лица и Данска со 3,3, додека најмногу загинати имаат Литванија со 10,6 лица, Летонија со 9 лица и Полска со 8,4 лица.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.