Можеби и не постои поинспиративен и поголем жив уметник, човек – движење, човек – институција, човек – антологија. Роден е во 1941 година во Минесота, како Роберт Цимерман, во фамилија на Евреи емигранти од Русија. Веќе пет децении плени со својата поезија, со својата ангажираност,со својата уметност. „Се обидувам да го објаснам тоа што е необјасниво, помогнете ми“, изјави во едно од своите последни интервјуа за магазинот „Ролинг стоун“, од октомври 2012 година. „Беше многу поедноставно во 50-тите години, но видов и почувствував многу работи што ме определуваат и до денес. Беа тоа сурови времиња“. Каприциозен, непоколеблив и секогаш жесток критичар на политичките елити и на нивните медиумски полтрони.
Во 1965 година направил огромен „стилски скок“ употребувајќи електрична гитара. Крутата и конзервативна Америка не била подготвена за тоа. На сите концерти бил исвиркуван, а музичките критичари пишувале дека Дилан е минато: „Не знае да свири, не знае да пее, грд е, па уште и електрична гитара — едноставно, тој е човек со просечен талент“.
„Јас пишувам политички песни“, изјавил Дилан во едно интервју во истата, 1965 година. „Рок-музиката треба да е ангажирана и да дејствува позитивно во општествените појави“. И така и беше. По него веќе популарната култура добива друга димензија, добива уметнички предзнак, кој претходно го немаше, бидејќи не излегуваше подалеку од џанкфуд-концептот, кој пропагираше само обична забава, без многу-многу размислување.
„Моите песни се лични, јас не сакам луѓето да пеат со мене. Тоа што треба да го направам е преку моите песни луѓето да ги почувствуваат своите емоции. Секако, тоа е еден вид алхемија“. Таа алхемија можеа да ја почувствуваат и скопјани, по извонредната упорност на Бобан (Милошески, заб. ред.) од „Авалон“ и на поддршката од нашето Министерство за култура пред две години – историски потег. Новинарите од нашите медиуми — кои, обично, известуваат за „Скопскиот фестивал“ и за Цеца Ражњатовиќ — по концертот напишаа дека, замислете — Дилан не бил убедлив. „Нашите“ мислеа дека Дилан е Харис Џиновиќ, па во стилот “Ој кафано, животе мој“ ќе им ги свири хитчињата. Кога не би било жално, би било смешно.
Со својата автентика и оригиналност
тој направи извонреден импакт врз популарната култура и одреди голем број негови поклоници да ја следат неговата идеја. Со своите лирски композиции и поетска моќ претставува вистински американски џин.
(објавено во 15. број на неделникот „Република“, 14.12.2012)
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.