Све си мислам дека во големиве земји све мора да биде енормно. Од буџетот, до трошоците за претседателски избори, па до метеоролошките и климатските проблеми. Америка ја погоди ураган со страшна разурнувачка моќ. Синди би и помина, остави штети и пустош. Пред тоа Кетрин, па Ирина… За тоа зошто сите урагани имаат женски имиња, а тајфуните и торнадата поинакви друг пат. Не би шпекулирал, за да не добијам етикета на антифеминист, што не би сакал на стари години! Само си го поставувам најлогичното прашање – што ќе беше ако не дај Боже вакви ветришта беа карактеристични за нашево поднебје, а метеорологијата децидно вели – тие мора да имаат женски имиња. Замислете го насловот во весниците – Пацка остави толку и толку семејства без покрив над главата… или ТВ-форшпан – Трпана корнеше сѐ пред себе, а радиофлеш –на Цвета никој ништо не ѝ може! Но, шегата настрана – со ветриштата со разорна моќ нема шега.
Однесена од виорот на времето поминато (што би рекле струмичани во смисла на романот и култниот филм – Профрчело сас фртунта) во колективното паметење на скопјани остана поплавата што се случи во ноември 1962 година. Токму во петок на 16, добро се сеќавам. Пред точно 50 години. Долго потоа шефовите на скопските тротоари извлекуваа равенство со катастрофата од 63 – те и таа била во петок (демек црн петок, те подземните води создале огромни празнини во Земјината внатрешност, те Господ дигнал рака од Скопје и скопјани)! Све сами научни тези и откритија, со по некоја догма и мистичност.
Ѝ претходеа дождови, изобилни и досадни. Со денови дожд и само дожд и грмотевици (сред есен како да е август). Реките надоаѓаа ли надоаѓаа. На радио секој ден извештај за водостојот на реките заедно со прогнозата – и натаму дожд водостојот во пораст.
Следуваа драматични часови, пресудни за градот и за неговите граѓани. Стасуваа вести од сите делови. Вардар течеше по улиците, навлегуваше по подрумите и во сутерените. Не помагаа многу зајачките насипи што луѓето набрзина ги правеа полнејќи вреќи со песок. Водната стихија ги носеше пред себе. Во некое време се појавија воени камиони, понтонски гумени чамци на кои најзагрозените ги товареја најнеопходните работи и се евакуираа на повисоко. Нема шега со водата. Плоштадот со гумените чамци ни личеше на Венеција со гондолите, уште фалеа гондолиери и гитари. Скопјани, којзнае по кој пат во долгата историја, излегоа како победници.
Што поради дождови, што поради наглото топење на снегот Скопје уште неколку пати се најде во опасност од поплава. Но, тие трајно беа отстранети со регулацијата на немирната и непредвидлива река!Скротена и регулирана таа сега изгледа кротко, уште да е чиста како во некои времиња!
(објавено во 12. број на неделникот „Република“, 23.11.2012)
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.