Пишува:
Огнен Спасовски
Доцент на Институтот за психологија
Филозовски факултет во Скопје
„Половина милион посетители на трговскиот центар за само четири дена!“
Во една најава на телевизија, презентерот се изрази на следниов начин: „…граѓаните навалиле (во трговски центар) како да не виделе!“ Се наметнува прашањето: Што е тоа што не виделе? Што е тоа што на луѓето им го даваат тие пристаништа на сетилата? Дали првична причина за посетата на моловите е тоа што можат да
се наполнат кесите со производи поевтини за по неколку денари?
Не би рекол.
Трговските центри се волшебна формула за „инстант-понуда – сѐ во едно“. Тие имаат „тераписки“ ефекти за анксиозноста од потребата да се осмисли нашето секојдневие и инстант-храна за сетилните задоволства и за задоволствата на умот.
Имено, луѓето се природно мотивирани да го осмислуваат својот живот во целина, како и својот професионален живот, но во исто време и секој ден поединечно, секој слободен викенд или секое слободно попладне. Колку е поизразено чувството дека немаме слободно време, толку е посилен притисокот за „подобро“ да го осмислиме и да го искористиме тоа „малку“ време што го имаме. Сакаме времето да го поминеме со своите блиски, со пријателите, со семејството, притоа, на што покорисен начин да задоволиме и што повеќе потреби во исто време. Сакаме да ја задоволиме потребата за естетски чувства и доживувања и да бидеме дел од културни и од забавни настани, кои ќе ги разбрануваат нашите сетила и емоции. И сето тоа комбинирано со секојднева потреба да се испазари нешто.
Но, автентично да се осмисли и организира слободниот ден или попладне, да се осмисли што да се направи и каде да се биде, значи да се вложи напор, да се има идеја, да се направи избор. Секој наш избор е израз на нашиот вредносен систем и на нашиот личен идентитет. Така, и со изборот на кафулето во кое ќе седнеме ние ги манифестираме своите вредности, исто како и со изборот на настанот што ќе го посетиме, или гардеробата што ја носиме. Секој чин на избирање бара анализа на многу опции. Секој направен избор придодава повеќе или помалку смисла во нашиот живот, со кој ние сме повеќе или помалку задоволни. Ваквото секојдневие е постојано преиспитување на нашите вредности и идентитет. А тоа, за некого е предизвик, за некого напор.
И токму во тешкотијата да се вложи тој напор е генезата на трговските центри, кои овозможуваат со леснотија да се добие сѐ во едно. За мрзливиот дух, место да се соочи со можните избори и автентично да осмисли како ќе го помине времето, полесно е доброволно да се откаже од различноста и од идентитетот и да се предаде на понудата во која „изборот“ е веќе готов. Тој избор е додуша исполиран, нивелиран и обезличен, но, сепак, содржи од сé по малку, како кесичка за инстант-чококапучино. Воедно, погледот на илјадници други луѓе е потврда дека изборот не е погрешен. Процесот на „избирање“ е максимално олеснет, а лесниот живот е на дофат. Овозможува крадешкум да се избега од личната одговорност, да се избега во опојна илузија на луксуз, изобилие и во илузија дека сме дел од нешто големо.
Културата на трговските центри, или начинот на живеење, овозможува сѐ во едно: Можност за „излегување“ и да се помине вечерта со семејството или со пријателите на место, кое, зад параванот на „незадолжителноста“, не бара залог на вредностите при изборот. Овозможува и задоволување на потребата за социјални контакти – кои се, навистина, површни, но и така потребата за подлабоки контакти ја затрупа цунамито на социјалните мрежи. Долгите осветлени патеки со наредени излози, како на корзо, овозможуваат и дискретна и „незадолжителна“ парада, а воедно и да се ѕирне во излозите во кои има по нешто за сите. И ако таа инсталација од блескави излози и разнобојни парчиња не е доволна сензација за сетилата како сатисфакција на потребите од културно-забавна категорија, можете да си дозволите и посета на кино (доколку ви се даваат неколку стотини денари). Притоа, нема потреба да се проверува кој филм игра, бидејќи изборот и така, нели, со доверба им е препуштен ним. А, како круна на сѐ, на одење накај дома може и да се испазари нешто за во фрижидер, па сметката да се искористи за бесплатен паркинг. Трговскиот центар се напушта со сите сетила задоволени и, иако со мрзлив и зашеметен дух, сепак со полна душа и анестезирана егзистенцијална анксиозност – барем до следната посета… … на некој од трговските центри, кои, патем, ги имаме повеќе од градинки и од средни училишта.
(објавено во 7. број на неделникот „Република“, 19.10.2012)
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.