| четврток, 6 декември 2018 |

Промовирани собрани дела во девет тома од Павел Шатев

Собраните дела во девет тома на Павел Шатев денеска беа промовирани во Музејот на македонската борба. Деветте тома од оставината на Павел Шатев ги објавија Македоника литера и Државниот архив на Република Македонија. На свеченоста, поркај директорот на Државниот архив на Република Македонија, Зоран Тодоров, се обрати и министерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска.

shatev kniga 5 (Small)

-Нескромно ќе забележам дека денешниот чин ќе остане трајно забележан во македонската современа општествена и културна историја, затоа што по цели 62 години од смртта на големиот македонски револуционер гемиџијата Павел Шатев, македонската научна јавност и читателската публика во нашата држава, за првпат ќе има можност, изворно да се запознае со неговото дело гледано низ призмата на неговата публицистичка активност. Во богатата оставина на Шатев која ја промовираме денеска, се зачувани повеќе трудови за историјата на Македонија, кои според опфатот на историските периоди ја зафаќаат речиси интегралната историја на Македонија на која Шатев ѝ ги посвети последните години од животот, користејќи референтни историски извори и цитирајќи релевантна светска литература, рече министерката.

shatev kniga 7 (Small)

Обемниот публицистички опус на Шатев претставува прв покомплетен осврт на македонскиот општествено-политички момент од почетокот на дваесеттиот век до крајот на Втората светска војна, вклучувајќи го и првиот повоен период во земјава.

-Оваа публицистичка оставина е историско градиво кое на своите 4.000 страници, колку што Павел Шатев остави во ракопис, нуди расветлување на низа интересни прашања за кои научната мисла досега немаше или нудеше сосема малку одговори. Освен богатиот творечки опус на Павел Шатев, во оваа едиција се вклучени и документи за него и за неговата дејност, кои ги дополнуваат и ги збогатуваат сознанијата за овој маркантен македонски деец, истакна Канчевска-Милевска.

shatev kniga 6 (Small)

Павел Шатев е големо име од македонската понова историја, но неговата големина како македонски деец, интелектуалец и како државник уште повеќе ја сознаваме и ја откриваме со објавувањето на овие негови пишани согледувања на историските и општествено-политичките состојби на Балканот кои во најголем дел за првпат се објавуваат денес.

shatev kniga 4 (Small)

-Најголемиот дел од трудовите и записите и дел од документите кои се поместени во 9-те тома на оваа едиција ѝ припаѓаат на приватната архива на семејството на Шатев, депонирана во Државниот архив на Република Хрватска, која беше обезбедена благодарение на новинарот Предраг Димитровски, а тука се и некои материјали и документите, меѓу кои и двете полициски досиеја за него, кои се наоѓаат во Државниот архив на Република Македонија. Едицијата несомнено потврдува дека од почетокот на минатиот век, Павел Шатев е централната фигура на најтурбулентните случувања во Македонија, а тоа го прави најповикан, најупатен и компетентен да говори, да пишува и да ја толкува нејзината историја. Токму затоа, неговото име останува нераскинливо поврзано со Македонија, подвлече Канческа-Милевска.

shatev kniga 3 (Small)
 

 

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top