| четврток, 6 декември 2018 |

МЗВШ: Заев и СДСМ да не ги подбуцнуваат тутунарите

Владата на Република Македонија и Министерството за земјоделство се во постојана комуникација и договор со индивидуалните производители на тутун, Здруженијата на тутунопроизводителите и откупните претпријатија и ги преземаат сите неопходни мерки за нормално спроведување на откупот на тутун.

Ова Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство го наведуваат во реакција по, како што наведуваат денешните изливи за наводна загриженост, и тоа на најголемиот „земјоделец“ Зоран Заев, во Прилеп.

Имено, лидерот на СДСМ, Зоран Заев при денешната посета во Прилеп побара од Владата да им помогне на тутунарите кои, според него, се изманипулирани затоа што цените за откуп на тутунот биле под просекот.

Според Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Заев најверојатно не е во тек со аграрната политика на оваа Влада со која веќе 5 години наназад се исплаќаат по 60 денари за килограм произведен и предаден тутун.

– За просечната откупна цена на тутунот во прилепскиот регион должни сме да ги информираме „загрижените” во СДСМ дека заклучно со денешниот ден просечната откупна цена на тутунот во овој регион е 161,12 денари за килограм, а досега во овој регион се откупени 2,5 илјади тони тутун, стои во реакцијата во која се додава дека на ниво на цела
држава откупени се 6 илјади тони тутун, што е само околу 18 отсто од овогодинашното производство.

На „загрижените” во СДСМ, им посочуваат во реакцијата, треба да им е познато дека за произведен и предаден ориентален ароматичен и полуориентален суров тутун само за реколта 2012 на 25.816 тутунопроизводители им е исплатена финансиска поддршка со висина од 60 денари за килограм или вкупно 1,66 милјарди денари од програмата од 2013
година за произведен и продаден тутун. Потсетуваат дека овој износ од над 27 милиони евра само за тутунот е околу четири пати поголем од вкупните средства што СДСМ ги издвојуваше за сите земјоделски култури заедно.

– Владата на Република Македонија е единствената која спроведува силна финансиска поддршка за тутунопроизводството од сите држави во регионот, традиционални производители на ориентален ситнолистен тутун. Токму ова е маката на „загрижените” во СДСМ и причината поради која денес повторно се обидоа да ја потценат свеста на
тутунопроизводителите, истакнуваат во реакцијата.

– Како што СДСМ направи штета во време на откупот на пченицата, како што создаде огромна штета во извозот на градинарски производи, така денес повторно директно се замеша во откупот и на тутун за да создаде привидна претстава на грижа – наведуваат од Министерството и ги повикуваат Заев и СДСМ да престанат да ги подбуцнуваат тутунопроизводителите, затоа што, како што стои во реакцијата, токму тие ќе ги почувствуваат негативните последици од несериозниот однос на СДСМ кон нив, слично како пред неколку години.

Посочуваат дека државата како и секогаш во овие последни седум години ги презема сите неопходни мерки во нејзино располагање за реална поддршка, не само финансиска, на секторот, а дека голите обиди за создавање паника од наводни кризни ситуации се контрапродуктивни и на штета за самите земјоделци.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top