| четврток, 6 декември 2018 |

Хетеронимија

adrapo-sparai-90x115

Колумнист:
Ацо Станковски

Кога писателите или, пак, скрибоманите користат едно, две или три разни лажни имиња, со кои го затскриваат својот идентитет од најразлични причини, тогаш тие се служат со псевдоними, значи лажните имиња со кои аспирантите на книжевното творештво се маскираат, се нарекуваат псевдонимија, но кога еден писател ќе влезе во хиперпродукција на псевдоними, потпишувајќи го речиси секој нов текст со ново и поинакво име, тогаш пред нас се покажува феноменот хетеронимија.

Во историјата на книжевноста еден значаен дел од писателите користеле псевдоними и тоа од најразлични причини. Пред сè, псевдонимите се еден вид штит, кој го заштитува сензитивниот идентитет на писателот од најразлични напади од страна на одредени читатели, кои не се сложуваат со напишаното, а нивните негативни реакции понекогаш можат да добијат агресивни манифестации; поретко тие истите изрази на незадоволство се претвораат во вистински манијалкални тенденции, кои сериозно би се заканиле и по животот на дотичниот писател. Ова не се ретки појави во историјата на литературата. Доволно е да се потсетиме на индискиот писател Салмон Ружди, на кој му се закани цела една држава – Иран, по повод издавањето на неговите „Сатански стихови“. По овој повод, Ајатоласите од исламската република објавија „фатва“, еден вид муслиманска анатема, со која на сите муслимани од светот им се дава за право да го убијат писателот на ова скарадно и бласфемично дело за муслиманската екумена и со тоа да извршат достоинствен чин на одмазда. Ваквата екстерминација на писателот Ружди не би се сметала за погрешен чин, туку напротив, убиецот на оваа инкриминирана личност би се сметала за херој и, веројатно, би била соодветно наградена.

Значи, псевдонимите и хетеронимите служат за да се избегнат најразличните непријатности, кои би можеле да му се случат на авторот на одредени прохибирани писанија. Псевдонимите најчесто се употребувани од религиозни и од политички причини. Авторите, место да се самоцензурираат создаваат лажен идентитет и на таков начин се обидуваат да ги избегнат соодветните последици од нечија драстична иритираност. За време на инквизицијата ваквите постапки биле честа практика од прогресивните автори, но истата таа примена на лажни идентитети се користи и во поновите времиња, пред сè во тоталитарните режими, кои се закотија како гадинки на планетава по Октомвриската револуција во Русија и етаблирањето на комунизмот, иако не за долго. Некои од нив покажаа изненадувачка жилавост и се одржаа до ден денешен. Потребата од псевдоними е актуелна насекаде каде што постои феноменот на вербален деликт. И во преттоталитаристичките режими цензурата била силна стратегија на курентните владетели. Пишувањето против царот или кралот или кој било друг вид монарх ригорозно се казнувало, а оваа практика продолжила и подоцна во некои општества со републиканско уредување, доколку соодветниот автор, поведен од некои социјалистички или анархистички идеи, би се насочил со негативна критика кон буржоаските вредности и култура.

Од друга страна, писателите и другите автори на текстови ги користеле псевдонимите или хетеронимите поради опасноста да бидат дезавуирани од страна на носителите на јавниот морал. Во случај на незадоволство и испровоцираност, моралистите со организирана протестна акција, критика или, пак, напади, би можеле во голема мера да им го загрозат животот.

Во секој случај, авторите на одредените текстови се свесни за ризикот во кој влегуваат со своите јавно изнесени ставови, а користењето на лажниот идентитет е еден вид пренасочување на гневот на иритираните во фиктивна и безопасна насока по книжевните творци, есеистите и новинарите, т.е. по сите тие што ги легитимираат своите искуства и ставови на јавната сцена.

Во историјата на книжевноста има многу видни автори, кои се користеле со псевдоними, но, исто така, и автори, чиишто искуства на прогонети личности поради нивните идеи, кои ги натерале да влезат во зоните на хетеронимијата. Прв, кој направил дистинкција меѓу псевдонимијата и хетеронимијата, е португалскиот писател Фернандо Песоа (1888-1935). Тој користел дури 70 хетероними. Песоа ова го објаснува со чисто креативни причини велејќи дека писателот, во име на објективноста треба да ја надмине својата примордијална личност и да изгенерира не една или две други личности преку псевдоними, кои би биле само клонови на оригиналот, туку многу повеќе, преку т.н. хетероними, кои ќе му помогнат да ја надмине рамката на својата личност.

Најголем број на лажни имиња во литературното творештво имал Русинот Константин Арсенович Михајлов. Тој пишувал сатири против царот, па морал да користи дури 325 хетероними. Познатиот француски писател Стендал (и ова е лажно име), чијшто вистински идентитет е запишан под името Мари-Анри Бел, имал повеќе од 200 хетероними, а неговиот сонародник, филозоф и писател Волтер (Франсоа-Мари Аруе) имал 173 лажни имиња. Писателот на романот „Робинзон Крусо“ користел 189 хетероними, но во историјата на книжевноста останал познат под своето вистинско име Даниел Дефо.

Без оглед на тоа, дали некој писател користи неколку псевдоними или стотици хетероними, тој ова го прави за да го заштити својот интегритет заштитувајќи ја воедно и претставата за себе.

На примерот на една силна творечка личност од областа на литературата ќе се види целата комплексност на користењето лажен идентитет. Тој имал многу причини, поради кои го криел својот идентитет, кој останал непознат дури и за неговото потомство. Познат е само по неговото уметничко име: Пјетро Аретино. Се смета дека потекнува од Тоскана. Творец е на стихови со еротска содржина (Soneti Lussuriosi). Роден е во 1492 година во Перуџа, како син на слугинка и на чевлар од Арецо (Luka del Buto). Според некои извори, неговата мајка била проститутка и како моделка им позирала на некои ренесансни сликари. Тоа, изгледа, била најголемата причина поради која го криел своето потекло. Сепак, едно од најбизарните собитија, при кое се користени лажните имиња, е случајот на еден наш рецентен автор, издавач и колумнист, познат по жестокиот јазик и бескомпромисната критика, упатена кон секој што не се согласува со неговите ставови или на кој било начин ги загрозува неговите интереси, без оглед на тоа дали се морално исправни, или, пак, аморални – какви што најчесто и се. Имено, овој жесток борец за сопствениот интерес, но и чест корисник на лажни идентитети, во една пригода, при која издаде збирка кратки раскази, направи неверојатен преседан, дури и за најаутистичните карактери во историјата на книжевноста. Иако книгата беше издадено под неговиот вистински идентитет, тој под псевдоним напиша рецензија за сопственото дело, каде изразува суперлативи и бескрајна галантност во пофалбите на таа збирка текстови.

Ова е веројатно единствен случај во историјата на литературата со олку нагласен нарцистички степен на користење лажен идентитет.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top