| четврток, 6 декември 2018 |

Невропластична диета

galijana-184x115

Колумнист:
Будимка Поповска
(сестра Макрина)

Или: како да ги загубите сите непотребни килограми со само еден потег: престанете за себеси да мислите како за дебелко. И тука почнуваат вистинските маки – полесно е да се управуваат вселенски брод, авион, подморница и која и да е друга машина што ја направил човекот, одошто сопствениот мозок.

Најефикасната диета на светот има многу едноставна формула:
промена на менталниот автопортрет.

Дебелината е еден од најголемите проблеми на модерните општества.

Зошто е толку тешко да се ослаби?
Поради блокадата на мозокот. Во неговите синапси се сплеткала една жичка што упорно го препраќа истиот сигнал до периферијата – деформираниот, дебел автопортрет. Менталната слика за себе.

Тој што сака да ослаби мора самиот да открие што, всушност, претставуваат вишокот килограми. Како ги прибрал во себе и како се довел себеси во ситуација на буре. Да, да, бурето на Диоген. И како буквално потоа ја применил изреката „јас сè свое со себе носам“… Носам повеќе отколку што можам… Да се најде…

Една од најголемите тајни на психоанализата: потсвеста е компулсивна. Молам?
Тоа значи – колку повеќе себеси си наложувате да не јадете, толку повеќе го правите обратното бидејќи потсвеста не работи со „не“. Компулсивноста претставува „маст ду“ на кој и да е начин и ако толку многу се мисли на храната, тогаш доволно е една минута да бидете спржени од силниот импулс на воздржување и на гладување, за веќе следните 23 часа и 59 минути да бидете целосно посветени на спротивното за да се задоволи принципот на компулсивноста. Храната станува опсесија, а нарушувањето на органите за варење и воопшто на метаболизмот, манифест на опсесивниот ум.
Сите ние сме дебели. За духот, самото тело е дебелина. Сепак, постојат мерни единици за тежина според кои веднаш може да се измери тежината на тежината. Но токму за да се избегне оваа тафтологија, најдобро е да се мери според чувство, или по осет, односно да мери самиот дух. Не ви е потребна кујнска вага. Сè што треба е да се следите себеси во миговите кога вашите мисли летаат кон фрижидерот. Оваа мерна единица во антиката ја собирало во златното правило од два збора – „ништо премногу“. Царскиот пат или умереноста.

Сетилата на телото сакаат да претеруваат. Во семето на тоа сакање е скриена лакомоста. На пример, окото сака во чинијата да гледа илјада зрна грашок, десет копани, осум кременадли и малку повеќе пире одошто може да собере во торбичката на желудникот. Значи, многу, и повеќе од многу. Окото, носот и непцето возбудени од убавите мириси, облици и бои му праќаат мегаломанска наредба на мозокот, кој веднаш исполнува преку своите извршителни органи. Тоа е таканаречената компулсивност. Мегаломанската желба на сетилата. Џабе духот запира. Неговиот гајгеров мерач на калории е ставен на „тишина“ и токму неговата потиснатост некаде во внатрешноста на телото е суштината на нарушувањето. Кога ќе се каже на англиски звучи поубедливо, позастрашувачки и поавторитативно, но принципот на неговото дејствување е и повеќе од прост. Obsessive compulsive disorder: дебелите би сакале да имаат контрола врз апетитот, но… Поради малата и едвај забележлива блокада во мозочето, нив ги јаде принципот на парадоксалната интенција и тие јадат токму поради тоа што не сакаат да јадат! Станува збор за хемијата на потиснатите емоции, кои на мозокот му прават блокада.

Има ли чаре?
Оти, кога човек ќе фрли и само површен поглед на тоа внатре, содржинскиот дел на тоа што однадвор е рутинска патологија што си фатила удобна позиција во животниот стил и начинот на соочување со животните предизвици, го фаќа уште поголем страв од тој поради кој веќе се решил нарушувањето да го прифати како свој избор. Потоа, откако ќе провери колку неговото нарушување е компатибилно со општествените збиднувања и наоѓајќи брза утеха во пејсажот прошаран со мешиња скриени зад мидери и мускули обесени во сало, си вели – сè е во ред, подобро да продолжам со мојот хамбургер таму каде што застанав при минатиот ритуал.
Но, д-р Џефри Шварц не се согласува со безизлезот во кој упаѓаат жртвите на овие наизглед сложени нарушувања. Во својата книга „Блокиран мозок“, тој ги објаснува причините за настанувањето на, како што ги именува, „компулсии и опсесии“, и потоа нуди и начин за ослободување од нив. Постапката се состои од четири чекори, кои се на интересен, практичен и достапен начин објаснети во книгата*.

Оваа самотерпија во четири чекори има моќ сосема да ја смени хемијата на мозокот. Да ја отстрани блокадата.

Притоа, вели Шварц, битно е човекот да го препознае ова нарушување во сопствениот живот, а потоа да научи да се соочува со него. Повеќето од модерните болести на зависност се „обично“ опсесивно-компулсивно нарушување. Храната, цигарите, дрогата, лошите ТВ-вести и нивното присилно консумирање повеќе не мора да бидат заменско и лажно отстранување на блокадата и придушување на стравот.

Добрата вест на оваа весела невропластична терапија е дека лекот за распространетото ментално заболување е на истото место каде што е и болеста – во самиот мозок. Потребно е „само“ да се освести.

Кој рече дека тероризмот бил најголемата закана за современото човештвото? Асанж може слободно да си оди дома, но проблемот е во тоа што затворските простории се дизајнирани исклучително за луѓе. Замислете една затворска ќелија и хамбургер со плескавица и помфрит како дремат зад решетки!

Да не заборавиме: калапот на среќата човек го држи во своите раце, Френсис Бекон.

 

*
1. Преименување
на опсесивните мисли и на компулсивните постапки
2. Повторно одредување
на опсесивните мисли и постапки, како последица на нарушената биохемиска рамнотежа на мозокот
3. Рефокусирање
Пренасочување на вниманието на нешто конструктивно
4. Повторно вреднување
Повторно вреднување на опсесивните мисли и присилните постапки, гледање на нив без да им се придава важност, игнорирање
Инаку, Шварц е американски психијатар и публицист, кој има објавено повеќе книги со слична тематика, а најпознатата „Блокиран мозок“ е објавена во Њујорк, 1997 година.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top