| четврток, 6 декември 2018 |

Министерството за култура подготви нова Национална стратегија

Oваа 2013 година, Министерството за култура ја подготви новата Национална стратегија за развој на култура 2013-2017 година која беше усвоена и од страна на Собранието на Република Македонија. Националната стратегија најобјективно ги дефинираше слабостите на постојниот систем во културата, потребите и развојните насоки кои ќе го унапредат остварувањето на културата во нашата држава. Министерството и надлежните институции интензивно работат на имплементацијата на Акцискиот план на Стратегијата и веруваме дека во наредниот период ќе имаме едно развојно поместување на културата во нашата држава.

Во 2013 година, Министерството за култура продолжи со реализацијата на капиталните проекти но, морам да истакнам дека предвидовме и спроведовме и низа на други мерки кои се во функцијата на успешното остварување на културата во нашата држава и нејзина промоција во меѓународни рамки. Имено оваа година го изработивме исклучително значајниот конкурс за финансирање преводи на репрезентативни и квалитетни дела од македонската литература на другите странски јазици, кој Министерството за култура ќе го објави во јануари 2014 година. Ова ќе биде еден од најпродуктивните проекти преку кој ќе обезбедиме еден соодветен третман на нашите автори кај странските издавачи и ефективно ќе го промовираме нашето творештво но, и нашата држава во меѓународен контекст.

Тука е и капиталниот проект кој Министерството за култура го промовираше оваа година и со кој во иднина ќе се стимулира домашно уметничко творештво од областа на класичната музика. Со овој проект ќе обезбедиме поголема продукција на домашното творештво и неговата континуирана застапеност на програмите на Националните и другите релевантни институции во нашата држава.

Од особено значење е и конкурсот за откуп на ликовни дела кој го објавивме годинава и кој е една од најкрупните активности преку која на долг рок ќе се унапредат состојбите во ликовната дејност. Конкурсот, кој предизвика голем интерес, ќе овозможи збогатување на фондовите на нашите институции и ќе го стимулира творештвото на македонските автори.

Во мај годинава, Собранието го донесе и Законoт за филмската дејност, чија што имплементација започнува од 1 јануари 2014 година. Законските решенија во новиот закон за филм ќе придонесат за унапредување на филмската дејност во Република Македонија, продукција на повеќе филмови во Македонија, финасирање од повеќе извори и охрабрување на приватниот сектор да партиципира во оваа дејност.

Од 1 јануари 2014 година започнуваме и со имплементацијата на Законoт за поддршка на домашната музичка продукција. Примената на овој закон ќе ја стимулира музичката продукција на забавни, народни и детски композиции во наредниот 10 годишен период, со што ќе се овозможи во иднина континуирано создавање на македонска музика и без помош на државата.

Во 2013 година беа усвоени и измените и дополнувањата на законот за Авторското право и сродните права во кои се инкорпорирани сите меѓународни правни регулативи со кои се обезбедува највисок степен на заштита на авторското право и сродните права. Наша основна цел беше со измените на Законот да се воспостават нормативни претпоставки за ефикасно функционирање на системот за колективното управување со авторското право и сродните права во Република Македонија.

Годинава беа доделени 11 нови национални пензии, а по трет пат беше доделена титулата национален уметник (на Есма Реџепова).

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top