| четврток, 6 декември 2018 |

Приказната за кучето-херој Жиле – вечерва промоција на документарниот филм

zile

Човечката хуманост наспроти човечката суровост, борбата за живот, волјата, истрајноста и пожртвуваноста се само дел од документарниот филм за славното куче од Македонија, чија промоција ќе се одржи вечерва, на 26 декември во кафе-бар „Кашмир“ со почеток во 21 часот.

Жиле е кучето кое во февруари годинава на Попова Шапка настрада од куршум, кој несовесен граѓанин го испука во неговиот `рбет и го остави парализиран. По 7 месечна борба за негов спас, Жиле го најде својот дом во Пенсилванија, САД. Го посвоија Ким и Џон Хамон, чија 6-годишна посвоена ќеркичка Морган има специфична здравствена состојба и ѝ беше потребно куче – чувар.

Документарниот филм за првото куче од Македонија кое се движеше со помош на инвалидска количка отвори едно ново поглавје за спас на животните во земјава.

– Филмот не е наменет само за љубителите на животни. Филмот има цел да се развие свеста каква штета нанесуваат луѓето со своите непромислени постапки. Филмот е приказ за тоа колку солзи, нерви, финансии и емоции носи една навидум една безначајна човечка монструозна постапка – вели Мери Јордановска, која се грижеше за Жиле и е еден од авторите на документарниот филм, заедно со новинарот Саше Димовски.

Филмот ќе биде прикажан во рамките на предновогодишната донаторска забава на Асоцијацијата на активисти за права на животните (ААПЖ) каде што ќе се собираат донации за бездомните животни (финансиски средства, стари кебиња, храна, лекови) и ќе се служи веганска храна.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top