| четврток, 6 декември 2018 |

Владата со програми за рано откривање на болести на срце, бубрези и дијабетис

Потпаролот на Владата, Александар Ѓорѓиев, заедно со директорката на Фондот за здравствено осигурување, Маја Парнарџиева Змејкова, денеска информираше дека еден милион и 200 илјади граѓани во следните две години ќе бидат повикани од своите матични лекари да направат превентивни прегледи за рано откривање на кардиоваскуларни и бубрежни заболувања и дијабетис.

За оваа намена Владата одвоила  20 милиони евра. Превентивниот преглед содржи испитувања на анализа на крв и урина, ЕКГ, мерење на тежина, а пациентите односно граѓаните ќе треба да пополнат и прашалник што Фондот го изработи заедно со соодветните здруженија на лекари. На овој начин ќе се обезбедат информации, односно индикатори за тоа колку е здрава нашата популација и ќе помогне за планирање на следните политики и трошоци на ФЗОМ.

Кардиоваскуларните, бубрежните заболувања и дијабетесот се трите најчести незаразни болести во земјата, најмногу лица заболуваат од нив и се прават најголеми трошоци. Смртноста од кардиоваскуларни болести е број еден, секое 12-то лице од вкупно 100 има некаква бубрежна болест, а секој петти од 100 има дијабетес.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top