2013 година беше година во која опозициската СДСМ се прости од долгогодишниот лидер Бранко Црвенковски, а партиските делегати за нов партиски водач го одбраа струмичкиот градоначалник Зоран Заев. Новиот партиски водач, пак, годинава освен по новата функција ќе остане запаметен и по низата непринципиелни ставови по однос на неколку крупни политички и национални прашања.

Уште од минатата година неколку пати тврдеше дека нема намера да се кандидира за претседател на партијата. Во едно интервју на прашањето „дали во иднина се гледате во друга област или на друга функција – можеби имате желба за лидерското место во СДСМ, која извесен период ја водевте како в.д. претседател?“, Заев одговара:
„Е, за тоа можам уште сега и со сигурност да кажам дека немам амбиции за лидерско место во мојата партија. Јас веќе ја имав честа да ја водам оваа голема партија и навистина сум среќен поради таа можност што ја имав. Но во иднина секако не, не ја гледам својата иднина како лидер на СДСМ“.
А немал намера ниту да се кандидира за премиер.
– Пусто Скопје не ме привлекува во тој дел на политиката. Ако имав амбиции, ќе бев мандатар за влада, потпретседател бев, Радмила нема политички функции. Јас немам такви амбиции. Се замислувам како тоа јас со моите Душко и Александра треба да живеам во Скопје, незамисливо е. Јас сум пораснат во специфично семејство“.
Како минуваше времето, фотелјите му стануваа сѐ попримамливи, а амбициите сѐ поголеми. Во јуни при посетата на Охрид и средбата со локалното раководство на партијата по неговиот избор за претседател на СДСМ, Заев рече:
„Целта ми е да го поразам ВМРО-ДПМНЕ и да бидам идниот премиер на Македонија“.

Лидерот на опозицијата на сличен начин, но со многу поголема брзина го смени ставот и за бојкотирање на локалните избори. На крајот на февруари звучеше повеќе од одлучен дека не ни помислува за некаква кандидатура за наредните избори.
„Јас и СДСМ меѓусебно се гордееме еден со друг . Последно да ми е на светот тоа нема да го сторам. Со тоа би ги направил среќни хиените од ВМРО- ДПМНЕ. Никогаш!“
Децидниот став траеше не цел месец. Во март Заев не само што реши да оди на избори, туку и го промени ставот за 180 степени, убедувајќи ги граѓаните дека изборите се насушна потреба.
Слободни и ненасилни избори се насушна потреба на Република Македонија, без разлика кој ќе биде резултатот. Првиот приоритет мора да биде за сите нас тој, а вториот приоритет за политичарите треба да биде кој ќе победи.

Веднаш по локалните избори, на кои опозицијата доживеа дебакл, Заев како нов претседател на партијата ја даде можеби најконтроверзната изјава годинава во која тој се огради од коалицијата со ВМРО ДПМНЕ и од поддршката на законот за бранителите. Заев сметаше дека на партијата не и личи да биде патриотска.
Се обидовме во неколку наврати да играме на карта на патриотизмот како партија на која не ни приличи тоа. И тука апсолутно загубивме. Чесно е да признаеме за да бараме шанса за во иднина да не правиме вакви грешки. Од нас народот не очекува да изиграваме патриоти. Ние сме државотворната партија, ние сме партијата која беше пример за мултиетничкиот соживот, ние сме партијата која ја стави на стабилни нозе оваа наша земја, така да обидувајќи се да ќариме поени кај граѓаните играјќи на патриотски варијанти, како Законот за бранители, Струга, Кичево, не ни приличат нас. Луѓето очекуваат ние да бидеме сплотувачкиот фактор.“

Кичевци и стружани беа огорчени од одлуката на Заев која ја нарекоа лицемерна, а тој по речиси шест месеци при посета на Кичево се обиде повторно да ги придобие на картата „патриотизам“, овој пат со нова дефиниција:
,,Македонија е се што имаме. Вистинскиот патриот е оној кој ќе му помогне на својот народ“ (Заев во Кичево, 5 декември)
Додека Заев се оградуваше од патриотизмот во Струга и Кичево играше патриотски игри со најзензитивниот проблем на Македонците- спорот за името со Грција. Откако ја сфати вољата на народот дека не дозволува промена на името по ниту една цена, претседателот на СДСМ излезе со став дека партијата го поддржува премиерот Груевски во врска со ставот за името, но само под услов ако го сочува идентитетот, јазикот и национална посебност.
Сепак во едно од последните интервјуа годинава зборувајќи за променливоста на ставовите на партијата која претходно се залагаше за решение со “свиткан рбет“, а сега настапува со речиси ист речник како владејачката ВМРО ДПМНЕ по прашањето за името, одговарајќи дека СДСМ има конзистентен став по ова прашање фрли голема сомнеж во искреноста на партијата.
„Не постои противречност, ставовите на СДСМ се конзистентни и принципиелни.“
По сите овие примери се наметнува прашањето за кого се однесуваше пораката на Заев за време на изборната кампања за локалните избори кога барајаќи ја поддршката од струмичани за нов мандат им порача дека со лаги не се бара поддршка:
„Немаме намера никого да поразиме, но ќе им докажеме дека не може да бараат поддршка со лаги“
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


