Со законска обврска државата да им наметне на стопанствениците минимална плата од 450 евра (27.600 денари), и тоа веднаш, гласи главната мерка во проектот со кој лидерот на опозициската СДСМ, Зоран Заев, најавува враќање на „средната класа“ во Македонија.
Додека политичарот Заев ветува, бизнисменот Заев демантира – платата што им ја исплатуваат фирмите на неговите најблиски роднини на своите вработени не поминува 9.000 денари, односно изнесува околу 135 евра. При тоа станува збор за просечна плата во фирмите, минималната е уште помала, пишува денешен „Дневник“.
Од прегледот на исплатени плати во две фирми на блиски роднини на струмичкиот градоначалник стои дека од јануари до ноември оваа година просечната плата што им се исплаќала на вработените се движи од 8.200 до 9.500 денари. Така, во фирмата „Тргопродукт“, чиј основач е Убавка Заева, а директор Бобан Заев, просечната плата што се исплатувала во јануари 2013 година изнесува 9.605 денари. Во последните три месеци (септември, октомври и ноември) таа во „Тргопромет“ изнесува околу 8.200 денари, т.е. околу 135 евра. Тоа е три и пол пати помалку од минималните 450 евра што ги ветува нејзиниот роднина.
„Тргопромет“, според евиденцијата на Фондот за здравство, има 46 вработени, од нив тројца земаат плата помала и од законскиот минимум за плаќање придонеси.
Убавка Заева, иако е основач, не зема плата од таа фирма, не е ни вработена. Директорот Бобан Зајев е пријавен и зема плата од 10.700 денари, што е нешто повеќе од 170 евра.
Втората фирма на роднините на Заев, „Ева стаил“, исто така, не може да се пофали со високи минимални плати за своите вработени како што ветува лидерот на СДСМ само за да дојде на власт. Имено, „Ева стаил“ има 55 вработени. Основач и директор е Славица Заева. Просечната плата што се исплатувала во фирмата во јануари 2013 година изнесува 10.402 денари (165 евра). Во ноември просекот на месечниот надоместок е 9.505 денари (150 евра). Директорката Заева е единствената што би го задоволила стандардот на Заев. Таа зема плата од 53.500 денари (870 евра).
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.