Две суперинтересни завршници со пораз на двете најдобри екипи од источната конференција и меч во продолжение во Сакраменто се белези на скратената НБА-програма од претходната ноќ. Пол Џорџ постигна 7 поени во серијата од 13-0 во последната четвртина за победа на Индијана над Њујорк од 81-76. Џорџ заврши со 24 поени, 11 скока и 5 асистенции, а во отсуство на суспендираниот Кармело Ентони, лидер кај Никс беше Џеј Ар Смит со 25 коша.
И во Портланд Весли Метјус постигна „тројка“ во финишот за пресврт и победа против Мајами од 92-90. Сепак, најважно за триумфот, со кој Блејзерс одново потврдија дека се незгоден противник за првакот, е тоа што го задржаа Леброн Џејмс на само 15 поена, со што е прекината неговата серија од 54 меча едноподруго во кои имаше минимум 20 поени. Николас Батум постигна 28 коша кај победниците, Крис Бош 29 кај поразените.
Далас ги одржа шансите за плејоф по победата во продолжение кај Сакраменто со 117-112. Маверикс ги искористи расположените О’Џеј Мејо со 24 и Винс Картер со 23 поена за втора победа во последните седум дена, која влијае стимилирачки за тимот, кој на преминот на старата во новата година имаше 10 врзани неуспеси. Поболна од поразот во Сакраменто е се поизвесната преселба на франшизата во Сиетл.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


