Бескрајна е прикаската за Македонија од искона до денес. Собитијата се умножуваат, а мирот и хармонијата никако да дојдат. Оваа супердинамична и хиперстресна судбина на оваа прастара земја, која, за чудо, се одржа до ден денешен и покрај сите удари по нејзиниот континуитет и меморија, никако да запре, сè до најновите дни. Проблемите и предизвиците се нижат како на филмска лента. При вакви услови на константна вознемиреност многу солидни општества би дигнале раце и би потонале во небиднината на историскиот заборав, но не и Македонците.
Тие како да добиваат сила од овие искушенија и стануваат сѐ попроникливи во нивното прекогнирање и пресретнување на злонамерата со одредени контрамерки.Тоа е вистински театар, на чиишто штици што значат живот е ставено самото македонско битие, секогаш подготвено за нови борби и надмудрувања.
Ова најстаро битие во Европа – македонското, како да го инспирирало големиот германски философ од полско потекло Фридрих Ниче да изјави: „Тоа што нема да ве убие, ве чини посилни“. И, навистина, денес македонската нација ми изгледа посилна од кога било досега во поновата историја, а тоа, без сомнение, доаѓа од нејзиното рапидно освестување.
Никој не се родил учен, вели една древна македонска мудрост. Искуството се создава врз база на многу преживеани, а потоа и обмислени собитија. Вакви турбулентни лекции имавме многу повеќе, отколку некои народи со загарантиран статус и со јасни перспективи. Но, македонскиот народ со огромен напор требаше да ги освојува најелементарните позиции на егзистенција и дигнитет, кои за другите нации се одамна завршени историски епизоди. Зошто?
Покрај тоа што одговорот лежи во преломните моменти за светската геополитика, со сите револуции на почетокот од дваесеттиот век, како и со двете светски војни, сепак македонската историска судбина како да има своја специфичност, која во голема мера се разликува од историската судбина на другите европски народи. Иако македонската голгота е често споредувана со таа на ирскиот народ, сепак во поновите периоди како да нема место за вакво нешто.
Додека некои нации се создавани со политички одлуки или со религиозна асимилација во име на геостратегиските потреби на историскиот моментум, за Македонија истите тие креатори произлезени од под шинелите на големите сили, како да имаа крајно негативни решенија. Подобро кажано, тие имаа екстерминирачки планови за овој народ – борец за вселенската правда.
Можеби токму затоа сите нивни агенди во однос на правичното решавање на македонското прашање беа мрачни, пеколни и криминални. Тие проекции и понатаму продолжуваат, иако многу посуптилни и поитри од кога било досега. Но и македонскиот народ научи многу од нивниот политички маниризам. Би рекол со прилична увереност дека нивните интелигентни планови за дефинитивно уништување на Македонија и на македонскиот народ се сосема деконструирани и уште во самиот старт влегуваат во зоните на осуетената криминогеност и зла намера, па како такви, со рутинска постапка ќе бидат декласирани и ставени на столбот на срамот на меѓународната политичка сцена.
Тоа бескрајно ги фрустрира овие користољубиви играчи на танцот „Макабр“, но судбината што ѝ ја намениле на нашата татковина, на мистериозен начин се враќа кај нив како бумеранг, уништувајќи ги нивните планови до темел. Но ова повратно уништување не застанува тука, тоа оди уште понатаму кон нивните круцијални политички и економски интереси и ги разорува до крај.
Доволно е да се навратиме некое време наназад во современата историја, за да го видиме дејството на оваа одбранбена македонска магија, која нашите душмани ги остава со зинати усти. Потоа следуваат сите ужасни консеквенции од злобната намера, која во повратно дејство ги десеткува сите нивни гордости и богатства. Но тие никако да сфатат, и покрај очајната состојба во која се поставени, повторно по своја заслуга. Како да не се способни да учат од искуството. Можеби биле предолго галеничиња на светските сили, па го загубиле чувството за реалност, за правичност и за достоинствени реакции во времиња на искушение. Морничава е нивната иднина со вакво тврдокорно и неинтелигентно однесување, при кое суетата го води главниот збор. Тешко на тие, кои ќе дозволат да бидат поведени од слепилото на возгордеаноста, а токму тоа се случува со нашите најлути непријатели во овие страшни времиња.
Ние, Македонците, никако не ликуваме во злобна радост, што нашите заколнати непријатели паѓаат како покосено снопје пред универзалните човечки правдини. Напротив, ги сожалуваме со тивка и дискретна емпатичност за да не ги повредиме нивните чувства, обременети од речиси детските им суети. Но никако не можеме да ѝ повладуваме на нивната злоба, можеби не поради нашите интереси, туку повеќе поради божјата правда, на која сме заколнати до крајот на времето.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.