Европскиот комесар за внатрешни работи Сесилија Малстром изјави денеска дека државите од Западен Балкан мора до пролет идната година да покажат јасни резултати во намалувањето на бројот на азиланти кои од тие држави доаѓаат во Европската унија бидејќи во спротивно ризикуваат укинување на безвизниот режим.
Малстром во Будва учествува на Министерски форум ЕУ-Западен Балкан.
– Постои опасна појава. Четири пати е зголемен бројот на апликации за добивање азил во држави од ЕУ, а најголем дел од тие граѓани се од регионите на Западен Балкан, што е голем проблем – изјави Малстром за новинарите.
Таа потсети дека ЕУ усвоила можност за укинување на безвизниот режим.
– Тоа значи дека доколку се покаже неопходно, ќе го укинеме безвизниот режим со одделни држави – потенцира таа.
Малстром смета дека државите од Западен Балкан треба дополнително да се посветат на решавање на прашањето за азилантите и оти од нив се очекува да покажат повеќе мерливи резултати во борбата против организираниот криминал.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


