
Документите што ги доставил ликвидацискиот управник на „Македонија табак“ Јордан Ристовски до судот во Белград предизвика пресврт во судењето против Станко Суботиќ – Цане, пишуваат српските медиуми, а пренесува „Академик.мк“. Ристовски треба да се појави на суд во Белград на 19 февруари в година.

Станко Суботиќ – Цане
Повторениот судски процес се води против контроверзниот бизнисмен Станко Суботиќ и уште 15 други лица за шверц на цигари во 90-тите години. Тие се осомничени дека го оштетиле буџетот на Србија за 28 милиони евра.
Според документите што биле доставени на македонски јазик, пишувало дека Станко Суботиќ-Цане не бил сопственик на фантомската фирма „Саксес“ преку која во текот на 90-тите години се шверцувале цигари од Македонија во Србија. Зад таа фирма стоела военоразунавачка структура на Сојузна Република Југославија, пишувало во документите што стигнале до специјалниот суд во Белград. Документите се доставени од страна на поранешниот ликвидациски управник на „Македонија табак“, Јордан Ристовски. Според српски „Е-новине“, од документите се согледува дека Ристовски истата документаија во 2000 година ја доставил и до македонските истражни органи.
Вчера, во белградската судница биле разгледани документите како доказ во кои стоело дека н 18 јануари 1996 година е донесена одлука за соработка меѓу „Македонија табак“ и војската на Србија преку фирмата „Саксес“. Во низата на придружни документи, кои биле означени како деловна тајна, раководството на „Македонија табак“ на своите вработени им дало прецизни упатства за посебните начини на работа со тогашната СРЈ за да се избегнат санкциите, кои во тоа време сè уште биле во сила.Како што пренесува „Е-новине“, плаќањето меѓу двете држави одело исклучително во готовина.

Заменикот на специјалниот обвинител Саша Иваниќ изразил сомневање за веродостојноста на доставената документација до судот, во кој се води процесот за шверц на цигари во деведесеттите години од минатиот век, со кој државата Србија била оштетена со 28 милиони евра и шест милиони американски долари. Сепак, судот решил Ристовски да биде повикан како сведок во постапката.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


