Чуден критериум има меѓународната ракометна федерација (ИХФ) и уште почуден изглед има табелата на која се рангираат најдобрите претставници на овој спорт на планетата.
На официјалната страница на Федерацијата, има листа на ракометни федерации, а рангирањето е посебно за сите категории во двете конкуренции, машка и женска. Севкупно Македонија е на 35. позиција, зад една Италија од која сме сигурно подобри и кај мажите и кај жените, пред нас се и Португалија, Турција, Ангола, Аргентина, САД, Холандија. Селекции и федерации без посебен успех и некаква богата традиција.
Што е уште поинтересно, на веб-страницата на ИХФ нема објаснување по кои критериуми се прави рангирањето, што се зема предвид, чии успеси се ценат, на репрезентациите или на федерациите.
Како и да е, премногу смешно изгледа листата на која во машка конкуренција Куба е пред Македонија во ракомет, како што стои на листата на ИХФ, без разлика дали станува збор за федерациите или за репрезентациите. Според луѓето од ИХФ, не „газат“ и Мароко, Грција, Кувајт, Швајцарија, Холандија и уште неколку земји, што најчесто сонуваат за настап на големите натпреварувања, нешто што за Македонија и во машка и во женска конкуренција е редовна практика. Ние редовно учествуваме на Светски и Европски првенства, за разлика од Грција, Мароко, Куба, Турција, Италија, САД и уште многу земји што немаат значајни успеси во ракометот.
Пишува: Зоран Поповски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


