Крушево на снег е вистински избор за поминување на зимскиот распуст. Посебно за почетници во скијањето и во сноубордот, за тие што повеќе сакаат да се санкаат и да уживаат во прошетките по снегот и во зимскиот пејзаж.
Крушево, неоправдано, во изминатите децении беше запоставен како зимски туристички центар. Имаше малку хотели, само едно детско одморалиште „Шула Мина“, кое постои и денес, а приватното сместување не беше развиено. Се паметат прослави на новогодишни празници во малкуте хотели сместени длабоко во шумата откаде што се простира прекрасен поглед на градот како на дланка.
Во едно време Крушево беше задоложително како дел од училишните екскурзии, барем на еден ден. Отсекогаш првата асоцијација за Крушево бил Илинден и прославата на 2 август на Мечкин Камен, а помладите генерации денес го знаат како градот во кој е роден Тоше Проески.
Последните години Крушево доживува вистинска ренесанса и зиме и лете. Туристите го открија овој планински рај во Македонија. Крушево е идеално во лето, кога сакате да побегнете од горештините во градот. Ќе уживате во прошетките околу езерото, по планината ќе берете шумски јагоди, ќе уживате во тишина и, што е најважно, ќе ја поправите крвната слика. Ќе дишете чист воздух. Крушево е град полн со знаменитости, па така секој ден од одморот ќе ви биде исполнет со мини-тури: одете до Мечкин Камен, прошетајте се до споменикот Илинден (Македониум), посетете ја спомен-куќата и галеријата со слики на македонскиот сликар Никола Мартиноски, одете на Гумење, посетете го музејот на Тоше…
Деновиве, ако сакате да резервирате соба или апартман за прослава на новогодишните и на божикните празници, тешко дека ќе најдете слободно место. Сѐ е полно – од хотелите, преку вилите и апартманите во приватното сместување. Туристите научија дека за малку може да добијат многу. Цените се прифатливи, како во сместувањето, така и по кафеаните, ресторанчињата, кафулињата. Во Крушево никако не пропуштајте да каснете домашно подготовени колбаси, сирење во грне, локум и целувки.
Прифатливи се и цените за жичницата. Горе на терените за почетниците во скијањето има инструктори, кои ќе ви помогнат да ги направите првите чекори на скии или на сноуборд. Ако немате опрема, слободно може да изнајмите. Откако ќе се уморите од напорниот ден на ски-терените, напијте се чај, капучино, топла чоколада… Вистинско доживување во Крушево отсекогаш било возењето со жичницата бидејќи кога се спуштете од терените, пред вас е целиот град. Уште и ако има снег во градот, тогаш Крушево личи како гратчињата на Алпите што сме ги замислувале како мали читајќи ја „Хајди“…
Крушево – град со 178 дена под мараз
Според некои историски записи, градот бил основан во 1467 година. Првите жители биле Македонци. Од 1769 година во градот почнуваат да се доселуваат Власи од градот Москополе бегајќи од репресиите на Турците османлии. Во 1883 година Крушево бил град со 1.650 куќи и со 12.000 жители, место со развиена трговија, занаети и богата култура. Еднакво се зборувало и македонски и влашки јазик. Според некои кажувања, градот бил многу развиен, со многу занаети и еснаф-луѓе. Токму тие успеале да ги убедат османлиските власти да си ја откупат даночната автономија за да можат ослободени од даноци и од даночната политика на империјата да ја развиваат својата економија независно од волјата на султанот во османлиската администрација.
Денес Крушево има 5.684 жители. Во градот, покрај македонскиот, службени јазици се и влашкиот и албанскиот јазик.
Крушево е град во западниот дел на Македонија и поради специфичниот релјеф се смета за типично планинско гратче, кое има просечна надморска височина од 1.350 метри, што го прави највисок град на Балканот.
Крушево лежи на западниот планински раб на Битолско-прилепската Kотлина, во изворишниот плиток долински дел на Крушевска Река. Оваа река го дели градот на два дела: поголем на левата и помал на десната страна. Куќите во градот се поставени како амфитеатар. Градот Крушево поради поволните климатски, географски, историско-културни специфики од поодамна се смета за туристички центар со повеќе туристички капацитети, особено како зимски туристички центар. Просечно, годишно, во Крушево има 178 дена под мраз.
Снегот паѓа од септември до со мај. Максималната височина на снежната покривка изнесува 135 сантиметри, забележана на 6 февруари 1954 година.
Вештачки снег, патека за сноуборд, осветлени патеки за ноќно скијање…
Во непосредна близина на градот постојат скијачки терени за алпско скијање во должина од 1,2 километар, патеки за нордиско скијање и биатлон со должина од 4,5 километри, жичница, која почнува од центарот на градот и два ски-лифта на самите терени. Потоа има патеки за планински велосипедизам во должина од шест километри, спортски рекреативен центар „Гумење“ со пет терени за мал фудбал, ракомет, тенис, одбојка и два терена за голем фудбал, спортска сала за одбојка и за кошарка со 300 седишта.
Од оваа сезона скијачкиот центар „Крушево“ е модернизиран. Се најавува дека Крушево ќе биде една од врвните зимски дестинации во Република Македонија. На терените за скијање има нова опрема за создавање вештачки снег и за осветлување на патеките. Во рамки на проектот е вклучена изградба на акумулација за вода од која ќе се произведува вештачки снег, инсталација на систем од топови за производство на снег на две скијачки патеки во центарот. Воедно е предвидено комплетно осветлување на две скијачки патеки и нивно приспособување за ноќно скијање и изградба на парк за сноубординг во кој ќе бидат поставени монтажни рампи и елементи за акробатски сноуборд. За потребите на ски центарот „Крушево“ се набавени возило за уредување на снегот на ски-патеките, таканаречен ратрак, и моторна санка за потребите на службата за спасување и на персоналот на ски центарот „Крушево“.
Новата инфраструктура значајно ќе ја збогати понудата на скијачкиот центар „Крушево“ со воведување ноќно скијање и скијање во сноуборд-паркот на една од двете патеки. Инсталацијата на системот за вештачки снег ќе ја направи скијачката сезона подолготрајна што ќе придонесе за рентабилното работење на овој скијачки комплекс.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.