
Висок извор од СДСМ за Дневник тврди дека, најверојатно, на следните парламентарни избори СДСМ ќе добие сосема нов пратенички состав. Според него, речиси ниеден актуелен пратеник нема да ја добие довербата на сегашното партиско раководство и од сите изборни единици ќе бидат предложени сосема нови лица блиски до првиот човек на партијата.
Дали новиот социјалдемократски состав, предводен од лидерот Зоран Заев, комплетно ќе ги менува актуелните пратеници од своите редови во Собранието? Ќе дојдат ли на нивно место на евентуалните предвремени парламентарни избори во 2014 година сосема нови лица од партијата на Заев, кои важат за нему поблиски и луѓе од доверба на актуелното раководство. Дилемата за елиминација е отворена по нетрпеливоста која во изминатиот период се јавува меѓу пратеничката група на СДСМ и новото партиско раководство на партијата, брифира висок извор на СДСМ, кој инсистира на анонимност поради сензитивноста на темата.
Според него, актуелните пратеници важат за непослушни и блиски до експравецот по кој се движеше СДСМ пред јунскиот конгрес, но и до поранешниот лидер Бранко Црвенковски. Токму тоа, вели нашиот извор, на некој начин му пречи на високото сегашно раководство на СДСМ бидејќи директивите од „Бихаќка“ не се докрај почитувани кај опозициските пратеници за кои, како што се коментира во партијата, и не се доволно активни во моментов. По ова, впечатокот е дека во пратеничката група владее хаос, а и на „Бихаќска“ неофицијално потврдија дека се готват нови листи за сите изборни единици и оти на речиси ниеден пратеник, кој во моментов е на функција, нема да му биде дадена повторно довербата од раководството на СДСМ што дојде заедно со Заев.
Последната координација меѓу лидерот, функционерите и пратеничката група на СДСМ траела неколку часа.
На состанокот на висок тон се дебатирало за многу теми за кои двете страни имале поделени мислења. Но, координацијата завршила со делумно усогласување на ставовите на пратениците и на високото раководство со став дека тоа мора така да се заврши заради оставање позитивна слика пред граѓаните кои ги изгласале народните избраници. Сепак, од СДСМ за „Дневник“ велат дека искри меѓу пратениците, од кои поголем процент се некогашни блиски соработници на Црвенковски, и сосема новото раководство што дојде со Заев, сѐ уште постојат. Меѓу пратениците сѐ погласно се зборува дека сѐ уште не планираат да ги поддржат во целост ставовите на Заев, но општ заклучок е оти засега останува статус кво, без можност за бојкот на наредбите од централата. Некои од пратениците, со кои вчера неофицијално разговарале од „Дневник“ на ова тема, велат дека познат им е новитетот што доаѓа од „Бихаќска“. Во март, нагласуваат, можно е да има предвремени парламентарни избори и токму тогаш Заев ќе постави нови лица од доверба во Собранието. Други, пак, не се запознаени со ваквата најава од СДСМ, но не ја исклучуваат можноста да бидат тргнати од позицијата пратеник затоа што сегашното раководство на СДСМ, најверојатно, ги смета за струја која влече во друг правец.
– Целта е да се добие послушна пратеничка група. Со тоа се остава впечаток дека квалитетот како пратеник тука и не врши голема улога. Ова неколку пати сме го слушнале, па дури и на конгресот кога се утврдуваше Статутот – вели соговорникот од СДСМ за „Дневник“.
Според наши извори, се предвидуваат 22 нови пратеници на СДСМ (без коалицијата СДСМ сега има 29 пратеници) на следните избори, од кои речиси сите ќе бидат блиски соработници на Заев, па и луѓе што ќе дојдат од Извршниот одбор. Истовремено, не се исклучува можноста и потпретседателите на СДСМ да се најдат на новите пратенички листи.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


