| четврток, 6 декември 2018 |

„Адрис група“ ја презеде „Кроација осигурување“

croacija osiguranje

„Кроација осигурување“ е присутна и на македонскиот пазар, а како ова преземање ќе се одрази врз стратегијата на компанијата во земјава ќе покаже времето, јавува Економски лидер.

Нов сопственик на „Кроација осигурување“ е ровињскиот гигант „Адрис група“. Хрватската влада ја прифати понудата на „Адрис група“ за купување на мнозинскиот удел во најголемата домашна осигурителна компанија, „Кроација осигурување“, која за 39,5 % од редовните акции понуди 905 милиони куни (нешто повеќе од 119 милиони евра), односно 970,45 евра по акција. Компанијата, исто така, понуди и докапитализација од 110 милиони евра.

Вториот кандидат за преземање на „Кроација осигурување“ беше полскиот осигурителен гигант ПЗУ, кој за 44,27% од акциите понуди по 800 евра за акција и докапитализација од 51 милион евра.

После вложувањето на 110 милини евра во хрватската осигурителна компанија, „Адрис група“ ќе стане сопственик на 60% од компанијата, а на хрватската држава ќе ѝ остане 28,6% од капиталот во „Кроација осигурување“. Сопред зборовите на хрватскиот министер за финансии, Славко Линиќ, Адрис со својата понуда ја зголеми вкупната вредност на Кроација на 307 милиони евра, а досега компанијата беше проценета на 180 до 230 милиони евра.

Бидејќи на државата ќе ѝ останат повеќе од 28% од акциите, Линиќ истакнува дека тоа ќе биде сосема доволно за државата да има влијание врз начинот на кој се трошат парите во компанијата. Тој додаде дека понудата на „Адрис група“ е далеку поприфатлива од онаа на ПЗУ бидејќи понуди двојно поголем износ за докапитализација и 21% повисока цена по акција.

Владата го задолжи Министерството за финансии да почне преговори со избраниот инвеститор за да се потпише договорот за купопродажба на акциите на „Кроација осигурување“. Министерството треба во рок од 60 дена да ја извести владата за спроведените преговори.

За учество во постапката за приватизација на „Кроација осигурување“ интерес покажаа 11 компании, но необврзувачки понуди поднесоа само три – Адрис група, ПЗУ и Триглав осигурување, кој испадна од трката поради тоа што Владата процени дека неговата понуда не ги задоволува стандардите.

„Кроација осигурување“ е присутна и на македонскиот пазар, а како ова преземање ќе се одрази на стратегијата на компанијата во земјава ќе покаже времето. Минатата година „Кроација осигурување“ оствари приходи во висина од 4,5 милиони евра и нето-добивка од нешто повеќе од 340 илјади евра.

Која е „Адрис група“?

„Адрис група“ е една од најмоќните хрватски компании. Во моментов нејзината структура се состои од три стратешки бизнис-сектори, туризам, тутун и производство и преработка на риба. Минатата година компанијата оствари приход од 350 милиони евра, што е 2,6% повеќе од претходната година. Од нив, речиси половина доаѓаат од продажба на пазарите надвор од Хрватска. Компанијата во првите девет месеци од годинава оствари приход од 330 милиони евра, а моментално има 3.700 вработени.

За влез во осигурителниот бизнис во регионот, „Адрис група“ од една страна се одлучи врз основа на тоа што осигурителната индустрија нуди многу можности за раст, а од друга страна поради тоа што планира своите активности да ги прошири во регионот, и тоа најмногу во развојот на услуги.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top