Хакерите би можеле да ги искористат игрите на летовите во авион за саботажа на електронските системи за управување во кокпитите на новата генерација авиони поврзани со интернет, се предупредува во извештај на американската влада.
– Модерните комуникациски технологии и поврзаноста преку ај-пи адресите сѐ повеќе се користат во системите на авионите што создава можност за недозволен пристап на поединци кои би можеле да ги саботираат системите за управување со авионот – стои во извештајот на ГАО сектор на државната ревизија на САД.
ГАО наведува дека во минатото системите за управување на авионите биле автономни, а сега напаѓачите со помош на ај-пи мрежата можат од далечина да пристапат до системите за управување.
Системите за управување се заштитени со т.н. фајарвол, кој ги спречува патниците, кои ги користат системите за забава во неовластен пристап. Меѓутоа, неколку експерти од ГАО истакнаа дека се работи за софтвер, кој може да се хакира или да се заобиколи како и секој друг софтвер.
Сојузната управа за цивилно возхухопловство (ФАА), главен авторитет за авијацијата во САД, треба да донесе регулатива која ќе пропишува сертификати за кибернетска безбедност во новите авиони. Вработените во ФАА го убедуваат секторот ГАО дека забрзано работат на потребните сертификати.
Досега немало успешни обиди на хакирање
Џералд Дилингам, еден од авторите на извештајот на ГАО, вели дека на ризик посебно е изложена новата генерација на авиони, како „боинг 787“ и „ербас А350“. Тој додава дека досега не бил забележан ниту еден успешен обид на пласирање вирус или малвар во системите.
– Не постојат никакви докази дека се случило такво нешто и се надеваме дека со зголемената безбедност ќе ги намали ризиците – порача Дилингам.
Уривањето на авионот на „Џерман вингс“ пред еден месец, за кој беше утврдено дека копилотот го заклучил пилотот надвор од кабината, повлече некои расправи за идна можност за воведување на роботи за управување со авионите за да се намали опасноста од човечки фактор.
„Ербас“ и „Боинг“ тврдат дека нивните авиони се безбедни
Од „Ербас“ на извештајот на ГОА одговорија дека континуирано ги проверуваат системите на своите авиони за да обезбедат највисоки стандарди на безбедност и заштита.
– За деталите не сакаме јавно да разговараме бидејќи таквата дискусија може да биде контрапродуктивна од безбедносен аспек – порача американскиот портпарол на „Ербас“, Клеј Меконел.
„Боинг“, пак, порача дека нивните авиони имаат неколку системи за навигација наменети за пилотите.
– Никакви промени во планот на летот во самиот систем не се можни ако пилотот не ги одобри. Покрај тоа, имаме неколку други системи на заштита и процедури за управување кои обезбедуваат сигурно управување со авионите, тврдат од „Боинг“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.