Андреа Лекиќ храбро најави дека е време Норвешка да се прости од светската титула, а заедно со останатите ракометарки на Србија вечерва и го оствари најавеното, во меч од четвртфиналето на СП во Белград. Норвешката круна падна по блескавата победа на Србинките од 28-25, пред 15 илјади гледачи.
Лекиќ постигна 4 гола и мошне умешно ја предводеше домашната селекција до голем триумф. Импресивен меч одиграа Сања Дамњановиќ и Драгана Цвијиќ. Двете ракометарки постигнаа по 8 гола, Цвијиќ со стопроцентен ефект (8/8) со што се пласираа во полуфиналето, каде ги очекува дуел со најголемото изненадување на досегашниот дел од турнирот, Полска.
Полските ракометарки ја изненадија Франција и победија со 22-21, за пробив во квартетот најдобри на СП. Голема битка се водеше и на останатите два четвртфинални дуели. Данска беше подобра од Германија и славеше со 31-28, а последна пречка за пласман во финалето и битката за златен медал ќе им бидат Бразилките. Тие со 33-31 ја надиграа Унгарија по две продолженија, откако во регуларниот дел мечот заврши нерешено, 26-26.
Задутре од 18 часот ќе се игра првото полуфинале меѓу Србија и Полска, а нешто подоцна од 20,45 силите ќе ги одмерат Бразил и Данска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.