Нова врвна ракометна пресметка ни приредија нашите два најдобри клуба Вардар и Металург. Овој пат во рамките од СЕХА лигата попладнево во СЦ Борис Трајковски пред полупразна сала, избраниците на Лино Червар го совладаа лутиот ривал Вардар кој во шок од смената на тренерот Андон Бошковски влезе во мечот. Металург славеше со 22-21, но во ниту еден момент не дојде до прашање за победникот.
Металург со крајно ефикасна игра во нападот со помалку и среќа успеа да запише нови три значајни бода во ова натпреварување. Двата тима влегоа со најсилните состави. Во првиот дел Металург во финишот на натпреварот успеа да се одлепи со два гола по фантастичните одбрани на Дарко Станиќ кој во текот на мечот нанижа 16 одбрани од кои три седмерци. Успешните одбрани на голманот на Металург неговите соиграчи успеаа да ги искористат и со брзи контра напади го доведоа својот тим до највисоката предност од четири голови во 39 минута (14-10).
Вардар на два наврати успеа да се врати во мечот дури имаше и напад за израмнување, но не успеа да го премости и последниот играч на Металург, Станиќ. Во последниот напад новиот македонски репрезентативец Немања Прибак се обиде од десет метри да го совлада Станиќ, но не успеа и по последниот свиреж на судијата „металурзите“ за служено се радуваа на освојувањето на трите бода.
Во 51 минута од натпреварот при еден напад на Металург, еден од најдобрите македонски репрезентативци Наумче Мојовски лошо доскокна и се чини посериозно го повреди десното коленото. Тој на раце од своите соиграчи беше изнесен надвор од теренот каде продолжи да лежи на клупата за резервни играчи. Се чини дека повредата на коленото не е ни малку наивна. Оваа повреда на клучниот играч за Македонската репрезентација доаѓа на само неполн месец пред ЕП кое се игра во Данска. Собирот на репрезентативците е за само три дена. Како што пренесуваат од клубот најверојатно се работи за повреда на менискусот кој е многу сериозна повреда за спортистите. Тој веднаш е пренесен во болница каде ќе бидат извршени дополнителни снимања како би се констатирала тежината на повредата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.