| четврток, 6 декември 2018 |

Нова тренерска вртелешка во РК Вардар, Андон Бошковски е сменет

Нова тренерска вртелешка во ракометниот клуб Вардар, а овојпат „настрада“ Андон Бошковски, кој денеска сосема неочекувано е сменет од раководството на клубот. На неколку часа пред дуелот со Металург во СЕХА-лигата, шампионот остана без кормилар, а неофицијално недоразбирањата на релација Бошковски и Сергеј Самсоненко кулминирале утринава. Бошковски не сакаше да ја коментира ситуацијата, а пред него истата судбина ја доживеа и Зоран Кастратовиќ.

Ќе се врати ли спонзорот на РК Вардар, Самсоненко, на клупата на „црвено-црните“, како што тоа беше по смената на Кастратовиќ, што е чудно со оглед дека Русинот никогаш не бил тренер, или тимот вечерва од 17.45 часот ќе го предводи некој друг, ќе се знае за неколку часа.

Самсоненко, очигледно, сака да одлучува сам, а неколку потези во последно време не му доликуваат на клуб со реноме од калибарот на РК  Вардар.

Вчера пред дуелот со Металург на новинарот и фоторепоретрот на најдобриот спортски портал во Македонија „Екипа“ не им беше дозволено да присуствуваат на прес-конференција. Објаснувањето беше чудно, а од пред две седмици за присуство на пресовите на РК Вардар треба да се има посебна покана, практика што досега ја немало во ниту еден спорт кај нас, ниту ја практикувал некој од домашните клубови, особено за натпревари од меѓународен карактер.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top