| четврток, 6 декември 2018 |

Време е за ново ракометно дерби меѓу Вардар и Металург

Време е за ново ракометно дерби меѓу Вардар и Металург и четврти меч меѓу лутите скопски ривали, овојпат во рамките на СЕХА-лига. Четворка за четири месеци, а билансот е израмнет по една победа, нерешен резултат и пораз за двете екипи. На првиот меч во Регионалната лига беше нерешено 28-28, а условно кажано домаќин беше Металург. Сега повторно се игра во салата „Борис Трајковски“, а организацијата на мечот што е закажан за утре од 17.45 му припаѓа на Вардар.

– Ова е натпревар што доаѓа во период кога сме заситени и ние и Металург. Се ближи Европското првенство, фокусот е насочен таму, но ова е најголемото македонско дерби и не треба дополнителен мотив. Сакаме со победа да ја завршиме успешната сезона. Со евентуален успех ќе го визираме учеството на фајналфорот во СЕХА-лигата. Металург ќе биде поинаква екипа од мечот во саботата кога ремизираше со Загреб. Најдобро се познаваме со лутиот ривал и нема да има посебни изненадувања. Ќе одлучува еден момент, одбрани на голманите, а се надевам дека ние ќе славиме – изјави тренерот на Вардар, Андон Бошковски.

Немања Прибак првпат ќе биде во поинаква улога, со македонски пасош и како репрезентативец на нашата земја ќе настапи за Вардар против Металург.

– Четврта година сум во Вардар и одиграв многу мечеви против Металург. Многу ги почитувам, тие се одлична екипа. Играат поинаку од нас, поспоро, за разлика од Вардар. Ние сакаме да играме побрзо, поубаво за око. Мора да ги сопреме Мојсовски, Атман, Вугринец и Миркуловски. Кога Металург нѐ победуваше, тоа го правеа благодарение на цврстата одбрана. Мора да одиграме дисциплинирано и да не дозволиме да се размавне квартетот што го споменав претходно – изјави Прибак.

Вардар со победа сигурно ќе обезбеди настап на завршниот турнир во СЕХА-лигата, а триумф му значи уште повеќе на Металург. Тимот од Автокоманда е на четвртата позиција, последна што води на завршниот турнир.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top