| четврток, 6 декември 2018 |

Металург без калкулации против Загреб и со најсилен состав

Без калкулации и со најсилен состав, Металург ќе игра утре против Загреб во меч од СЕХА-лигата. Пред една седмица во Хрватска, македонскиот состав победи со 30-25. Во ова натпреварување Металург досега играше со комбиниран тим, но овојпат ќе нема калкулации. Мечот се игра утре од 17,45 часот.

„Овојпат ќе играме со најсилниот состав, идентично како и против Вардар во вторник. Оваа недела имавме и здравствени проблеми во екипата. Мојсовски, Јоновски и Дејан Манасков имаа вирус и не тренираа оваа недела, а Вугринец, поради повреда на тетивата, се вклучи дури при крајот на седмицата. И покрај тоа, натпреварот ќе го одиграме со желба да победиме, ќе се обидеме да играме добро како во Загреб, иако знаеме дека нема да ни биде лесно, бидејки Загреб ретко губи две средби за седум дена. Тие ќе се трудат да ни се реваншираат, но тоа е добро за гледачите кои ќе следат добар натпревар. И Загреб, како и ние, има десетина ракометари кои се повикани во репрезентација“, изјави Лино Червар.

Со победа утре против Загреб, Металург ќе биде на чекор до фајнал-фор турнирот во СЕХА-лигата, заедно со Вардар, Татран Прешов и Загреб. Сериозен кандидат е и Брест Мешков, а сотанатите екипи речиси и да немаат шанса за пласман на завршниот турнир.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top