Медиумите во Словенија сосема коректно ја пренесоа и ја прифатија веста за настапот на Ренато Вугринец за Македонија на Европското првенство во Данска.
„Ренато Македонски“ е насловот на словенечкиот спортски портал „Екипа“, а во текстот во кој е пренесена информацијата од македонските медиуми за настапот на Вугринец на ЕП, се потсетува дека и Словенија, чиј државјанин е ракометарот на Металург, во минатото давала пасоши за странски играчи.
„Симоновиќ, Јовичиќ, Дерепаско…, се дел од играчите на кои Словенија им даде пасоши и зелено светло за настап во репрезентацијата, иако не беа Словенци. Тоа е вообичаена работа во ракометот, а и ние сме губеле ракометари на сличен начин. Потсетете се на Исток Пуц, а имаше и доста други примери во останатите селекции. Богдан Вента, Олег Велики, Арпад Штербик, Талант Душебаев, се само дел од плејадата ракометари што настапуваа за други репрезентации“, стои во текстот за трансферот на Вугринец.
Рекордер веројатно е Сергеј Рутенка, одличниот ракометар на Барселона, кој смени три репрезентации во четири наврати. Најпрво играше за Белорусија, неговата маточна држава, па настапуваше за Словенија, повторно за Белорусија и на крај за Шпанија.
Словенците истакнуваат дека со ангажманот на Вугринец и на Прибак, македонската репрезентација има сосема нов лик.
„Сега го имаат Вуги, кој игра во одлична форма, иако е ветеран. Во Македонија го ценат, а тој дава голови како од шега во Лигата на шампионите за Металург. Тука се и Кирил Лазаров, Наумче Мојсоски, Филип Миркуловски, Немања Прибак… Реално акциите на Македонците пораснаа доста, заедно со амбициите“, пишува словенечка „Екипа“.
За потсетување Вугринец е трет на вечната листа составена од словенечки репрезентативци според бројот на настапите. Десниот бек на Металург има 187 настапи за Словенија и 616 голови. Играше на две Олимпијади и сребрен медал на ЕП 2004 година. Според бројот на настапи за репрезентацијата на Словенија пред него се само Лапајне и Томшич.
Словенците не го забораваат и огромниот придонес на Вугринец во клупскиот ракомет. Тој беше дел од тимот на Пивоварна Целје што во 2004 година го донесе историскиот трофеј од Лигата на шампионите.
Пишува: Зоран Поповски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


