Во кратката, но бурна независност на нашата татковина – Република Македонија, се случија многу драми на јавната сцена. Некои од овие драми имаа позитивен, па дури и весел епилог, но другите беа обвиени со превезот на трагичност.
Токму трагичните собитија, кои оставија зад себе едно траурно чувство, се епизодите за кои вреди да се размислува и кои треба постојано да ги имаме на ум кога работите стануваат компликувани и заканувачки. Посебна тежина на овие неколку трагични случки во нашата понова историја им дава нивната енигматичност, која никако не дозволува да ги фиксираме за националната историска нарација на оваа држава и како такви да ги ставиме ад акта. Ова ставање настрана не значи да заборавиме на нив, напротив, тоа само треба да нè подготви за едно потемелно, но и почисто определување на нашата понова историја, во која појасно ќе бидат означени поларитетите на пријателството и на непријателството на одредени центри на моќ, а со тоа поексплицитно да ги согледаме нашите сојузници и непријатели во времињата што доаѓаат. А нив ги има многу, и непријателите, но и пријателите. Значи, кога ги споменувам овие драматични настани со трагичен епилог, не сакам да ги дискредитирам многуте жртви дадени од разните херои на оваа нација, издвојувајќи само неколку од нив. Херои на македонскиот непокор и правичност има многу, и во минатото, но и во најновите времиња. Сепак, во ова потсетување би сакал да укажам на два екстремно драматични настана, кои со својата општествена магнитуда и со својата политичка резонанција останаа како провокации во современата македонска историја, а за контроверзноста на овие два трагични настана да остане уште поголема, тие сè уште се нерасветлени, и од аспект на полициска истрага, и од аспект на судска завршница, што во дадениов контекст изгледа непростливо за службите на Република Македонија што се занимаваат со оваа проблематика. Погодувате дека тие два настана се поврзани со атентатот на првиот македонски претседател, господинот Киро Глигоров, и со авионската несреќа, која зад себе остави големи сомнежи дека се работи за атентат врз вториот претседател на независна Македонија, господинот Борис Трајковски. Настрана ударите што ѝ се зададоа на Република Македонија со овие две криминални и терористички дејства, доволно е на овие морбидни чинодејства само да им се пристапи од чисто човечки аспект и да се почувствува ужасната суровост на извршителите на овие грозни злосторства. Ваквите бездушни ѕверови, кои се во состојба да смислуваат и остваруваат олку брутални акти врз други луѓе, без оглед дали се работи за обични граѓани или, пак, претседатели, е неприфатливо и нивното место е, без сомнение, зад решетки на неодредено време, или подобро кажано – доживотно. Но овие криминалци од најекстремен вид слободно шетаат по разните простори на планетава и којзнае уште колку убиства и други тешки кривични дела извршиле во меѓувреме. Значи, нивната изолација од слободниот општествен простор не е само акт на задоволување на правдата во однос на нивните монструозни дела, туку и превенција, овие тешки кривични дела да не се повторуваат и умножуваат. Но, сега засега ништо од тоа. Значи, додека не се расветлат овие две злосторства против овие две видни личности од македонската рецентна историја, јавноста ќе талка по лавиринтот од претпоставки исполнети со неартикулирана и нерешлива параноја. Обидите на некои личности, високо позиционирани во македонската политичка елита да укажат на „нешто“, беа повеќе трагикомични „акробации“ за да се ослободат од жешкиот костен на својата лична некомпетентност и на неспособноста на службите што ги раководеа, да му дадат вистински епилог на ова собитие, отколку некаков патоказ за решение на случајот. На овој начин тие повеќе ја заматуваа ситуацијата, отколку што се обидуваа да ги мотивираат компетентните за конструктивна и консеквентна истрага. И место службите да собираат докази и да го склопуваат мозаикот на вистината, тие дозволија, под мистериозни околности да ги загубат и сведоците на овие собитија. Ваквите консеквенции од овие пеколни игри на тајните служби непобитно наведуваат на соодветни конклузии, дека еден голем дел од овие конспиративни и терористички акти биле проследувани однатре, од самата македонска тајна служба и од дел на нејзините соработници. Впрочем, и не треба да се биде многу интелигентен, па да се сфати дека многу индивидуи инфилтрирани на најодговорните места во одбранбениот систем на Република Македонија се подготвени да направат и најголемо предавство, само да се дограбат до власта или, пак, до поголем финансиски бенефит. Настрана сервилното и предавничко поведение на цели орди политичари, кои ја воделе оваа држава кон гибелта на небиднината со години. Не верувам дека тоа го правеле од наивност или, пак, од глупост. Можеби тоа го правеле од страв и од алчност, но никако нивните тешки грешки не биле резултат на некаква политичка наивност, без оглед на нивната младост и неискуство.
Впрочем, историјата ќе им суди за нивните злонамерни грешки, инспирирани од личната корист и егоизам.
Денес сме сведоци како криминалистичката и форензичката наука со помош на историските научни стручњаци и психолози можат да решат тешки криминални дела, стари и по неколку илјади години. Зошто овие случаи на подмолни удари кон битието на Република Македонија би останале нерешени? Овие два случаја на тешки трагедии, како последица на дејствување на помрачени криминални умови, можат да бидат решени. И ќе бидат решени еден ден. Тој ден ќе дојде, кога сите опструктори на правдата во РМ и надвор од неа ќе ја загубат својата инфлуентна моќ.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.