| четврток, 6 декември 2018 |

Митот за слободата

galijana-184x115

Колумнист:
Будимка Поповска
(сестра Макрина)

Човек што ќе си зададе ваква тема мора да е надвор од умот. Или толку внатре, што има визија за најфасцинантниот од сите митови – тој за слободата. Што би рекол Кант, колку што повеќе навики има еден човек, толку е помала неговата слобода.

Слободата не е во тоа да се прави што и да се посака, туку да не мора да се прави тоа што не се сака… Рекол еден одлепен Французин. Пред да се сети на опцијата наречена „револуција – сега или никогаш“.

Да речеме, детето што не сака да оди во градинка, да не оди во градинка и точка, а не да не оди во градинка затоа што не сака да оди во градинка. И воопшто, сите родители перфекционисти, кои сакаат од своите деца да направат совршени скулптури, да не го прават тоа поради сопствените фрустрации. И да престанат еднаш засекогаш да ја применуваат психологијата на казна и на награда во процесот на воспитувањето, тоа е добро само за тренерите во зоолошките градини.

Нема слобода во условувањето. Во царството на слободата не постои сврзникот „ако“. Условните реченици се прескокнуваат и се зборува директно, суштински.

Кога секој го прави само тоа што сака, владее анархија. Слободата владее таму каде што секој го прави тоа што никој друг не може да го прави подобро… без конкуренција.

Човекот што не може да се контролира не е слободен. Прашање е под чија контрола се тие што се под власт на некаква контрола…

Слободен е само тој што мисли. Мисли Фоербах.

Подобро опасна слобода од мирно и сигурно ропство. Роб или слободен? Кој?

Тоа што е потребно за да се биде слободен е љубов. Тагоре.

Тореадор или бик. Бик. Слобода или смрт. Биди креативен и одбери ја добитната комбинација.

Нешто како да се укина законот за слободно организирање кориди на кој како ќе му текне, со цел да се унапреди туризмот и истовремено да се намали бројот на растечките жртви од неконтролираните стампеда. Не дека Шпанија е пред врата, но во дворот е, сигурно.

Ниеден човек што е роб на телото не е слободен: тој што трча на фитнес, на боди билдинг, или се поти на џогинг во парк. Да се биде слободен од телото е мезанин меѓу приземјето и првиот кат и за него не постои соодветно копче во лифтот.

Нема слобода во тенденцијата да се биде само добар. Но да експериментираат со лошотијата за да се утврдат нејзините добри страни можат само тие што копнеат по вистинската слобода. Слобода на оксимороните од ропството на мороните. Слободата на мислењето е отаде поларитетот на доброто и на злото и отаде моралот. Отаде заморот на каква и да е амбиција. Само да се биде. Одморот на битието. Битието на Ибица. Со очила за сонце. Не, самото сонце. На плажа. Плажата.

Вистина ли е дека им се покоруваме на законите за да бидеме слободни? Условот наречен „фискална сметка“ ги прави луѓето робови на мислата дека, можеби, наредната минута ќе го добијат автомобилот наречен желба, изложен во фоајето на новиот „сити мол“. И уште колку автомобили треба да искрши кутриот човек додека да сфати дека исполнувањето на желбите не само што не може да го направи среќен, туку, напротив, повлекува еден бесконечен синџир од повлечи-потегни бунар на желби во кој пропаѓањето нема крај… освен ако не е како новото „фиќо“. Кој може да му одолее? Слободниот, фриволниот или некој што се задоволува со новиот тип на летачки „корси“, што работат на рециклирана пченица од измет на лебарки?

Слободата во едно нешто, дефинитивно, сосема е иста како парите и здравјето. Кога ги имаш не ти причинуваат којзнае какво задоволство. Но кога ги немаш….

Се мачка ли слободата на леб? И тоа како. Најсладок е лебот намачкан со слобода. Нема нешто послатко на овој свет. Како се прави тоа?

Потребно е слободата да те има на некој начин удрено од ѕид милион пати, илјада пати фрлено во длабоко, стотици пати заринкано на карпи, оставено без здив најмалку десет пати. Мора да го имаш искуството на смртта и мора да научиш да зборуваш од „другата страна“. Другата страна е страната каде што нема потреби. И желби. Потенциометарот на „волунтас“ е наместен на нула.

Што е слобода од другата страна?

Да знаеш. Да не си окован во оковите на незнаењето. Да знаеш да мислиш. Но и да знаеш да го запреш мислењето. Истовремено да (не) мислиш. Стинговиот синхроницитет.

Или, што би рекол еден од најпознатите антрополози на 20 век, Карлос Кастанеда: „Немој да трошиш време и сила плашејќи се од слободата…“

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top