Социјалдемократскиот сојуз преку анкета што неодамна за нив ја спровела агенција за мерење на јавното мислење го сведе на минимум списокот за можни кандидати за претседател на државата за изборите следната година. На граѓаните, кои биле телефонски анкетирани, им биле понудени десетина имиња од партијата на Зоран Заев, кои би се нашле на потесната листа за шеф на државата за претседателските избори, пишува Дневник.
Високи извори од СДСМ ја потврдуваат оваа информација – расположението на граѓаните за претседател било мерено преку надворешна анкета и додаваат дека од девет члена на партијата, двајца влегле во потесна трка, од кои еден е веќе речиси сигурен кандидат. Меѓу членовите на опозициската партија сѐ погласно се зборува дека имињата што речиси сигурно ќе добијат зелено светло од Заев да се борат за оваа позиција се некогашниот советник за надворешна политика на Бранко Црвенковски, Стево Пендаровски и поранешниот прв човек на Уставниот суд, кој неодамна замина во пензија, Бранко Наумовски.
За Пендаровски на „Бихаќска“ се коментира дека ги потврдува сомнежите на сопартијците оти ќе биде кандидат за претседател затоа што неколку пати остварил тет-а-тет средба со Заев и бил расположен да ја прифати понудата од партијата.
Наумовски, пак, според извори на „Дневник“, најверојатно сѐ уште не бил информиран за случувањата во СДСМ во однос на изборот на кандидат за претседател и засега останува непознато како ќе се изјасни во однос на евентуалната кандидатура.
На конвенција на партиски конгрес, кој веројатно ќе биде одржан на почетокот на февруари следната година, ќе биде донесена конечната одлука кој ќе го помине партискиот филтер и официјално ќе стане кандидат на СДСМ за претседател на државата. Во партиските кругови се коментира и за кандидатура на актуелниот градоначалник на општина Центар, Андреј Жерновски, но високи партиски функционери не ја исклучуваат и можноста довербата на Заев да ја добие токму неговиот заменик Радмила Шекеринска. За можноста таа да биде кандидат за претседател од СДСМ неодамна на својот профил на „Фејсбук“ напиша експотпретседателот на партијата Зоран Јовановски.
– Се прашувам зошто Радмила Шекеринска не се нафати да биде кандидат на опозицијата на изборите за претседател на Македонија в година? – напиша Јовановски, кој двапата на оваа социјална мрежа коментираше за ова прашање.
Јовановски, кој беше и кандидат за лидер на СДСМ, а ја напушти партијата по јунскиот конгрес, не сакаше да ги појасни мотивите за јавно поставеното прашање за Шекеринска, со објаснување дека сѐ што сакал, прашал како граѓанин на социјалната мрежа.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.