| четврток, 6 декември 2018 |

Попоски и Вигенин на средба во Софија

Шефот на македонската дипломатија, Никола Попоски, денеска во Софија ќе се сретне со бугарскиот министер за надворешни работи, Кристијан Вигенин.

На средбата, што се одржува во пресрет на состанокот на Европскиот совет, се очекува да стане збор за ставот на Бугарија во однос на петтата по ред препорака на Европската комисија за почеток на преговорите со Македонија за членство во ЕУ. Софија досега ја условуваше поддршката на Македонија со претходно склучување договор за добрососедство.

Вигенин минатата недела изјави дека Бугарија ја поддржува евроинтеграцијата на Македонија, но оти без потпишување на договорот за добрососедство не може да ѝ биде отворен патот кон ЕУ. Најави дека ќе се засилат контактите на високо ниво меѓу двете земји за да се надминат недоразбирањата.

Попоски, пак, повеќе пати истакна дека не очекува Бугарија да ја попречува македонската евроинтеграција и оти Скопје е целосно отворено за соработка со Софија.

Македонскиот министер за надворешни работи, покрај со Вигенин, денеска во Софија ќе има средба и со членовите на Групата за пријателство меѓу Бугарија и Македонија во бугарското Народно собрание.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top