| четврток, 6 декември 2018 |

Наполи ќе атакува на подвиг и победа од 3 гола разлика против Арсенал

Наполи ќе атакува на вистински спортски подвиг и победа од 3 гола разлика против Арсенал, вечерва од 20,45 часот на стадионот „Сан Паоло“ во Неапол. Тоа е магичната граница што треба да ја мине италијанскиот вицешампион за да обезбеди сигурен настап во осминафиналето во Лигата на шампионите.

Има и уште две варијанти за Горан Пандев и соиграчите, а тие се победа против гостите од Лондон или нерешено со кикс на Борусија Дортмунд во Марсеј против отпишаниот Олимпик.

Пред стартот на последното коло во Ф групата Арсенал е лидер со 12 бода, пред Наполи и Борусија со по 9 и Марсеј кој нема ниту еден бод. Наполи не смее да остане во круг со ист број бодови со Борусија, бидејќи во меѓусебните дуели има полоша гол разлика (2-3). Варијантата на која се надеваат играчите од Неапол е да го победат Арсенал, а „милионерите“ од Дортмунд да загубат или ремизираат во Марсеј. Или Наполи да одигра нерешено вечерва, а Борусија да биде поразена на „Велодром“. Ако актуелниот вицешампион на Европа го победи Олимпик на гостувањето во Франција, тогаш на Наполи не му преостанува ниѓто друго освен да го декласира Арсенал со најмалку 3 гола разлика.

Тогаш би се создал круг од три екипи со по 12 бода, и со по две победи во меѓусебните средби. Во таков случај Борусија би била прва со гол-разлика 6-5, Наполи (ако победи со точно 3 разлика) би се пласирал во следниот круг, бидејќи би имал гол-разлика од 6-6, а Арсенал како најслаборангиран во кругот би испаднал со скор од 4 постигнати и 5 примени голови во меѓусебните дуели со Наполи и Борусија.

„Веќе нема простор за калкулации и чекање. Ќе дадеме се од себе за да оствариме подвиг и победа со 3 гола. Треба да бидеме максимално сконцентрирани, бидејќи Арсенал е опасен во контри и полуконтри. Го познавам Венгер, тој е веројатно најдобриот менаџер во Премиерлигата во моментов и знам дека нема да биде лесно против Арсенал“, изјави Рафаел Бенитес, тренерот на Наполи.

Еден од главните адути во составот би требало да му биде Горан Пандев, кој игра во извонредна форма. Македонскиот интернационалец дава голови, асистира и е значајна алка во играта на Наполи.

На спротивната страна сепак е лидерот во силната Премиерлига, Арсенал, кој има можност и да загуби но до два гола разлика за се пласира во нокаут фазата.

„Секако дека целта ни е да бидеме први во групата, но најважно е да се оди понатаму во Лигата на шампионите. Нема да подлегнеме на притисокот, иако атмосферата во Неапол е пеколна. Имаме искуство и квалитет да минеме понатаму“, изјави Венгер.

Последното гостување во Италија во Лигата на шампионите за Арсенал беше мошне непријатно, со пораз од Милан со 0-4. Сепак зад Арсенал е традицијата, која вели дека во 15 настапи во ЛШ, дури 13 пати ја минале првата фаза по групи.

Двојки, последно коло по групи:

Наполи – Арсенал, Марсеј – Борусија Д., Милан – Ајакс, Барселона – Селтик, Челси – Стеауа, Шалке 04 – Базел, Атлетико Мадрид – Порто, Австрија Виена – Зенит.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top