На 20-годишнината од смртта на основоположникот на македонскиот јазик Блаже Конески денеска во Домот на културата „Марко Цепенков“ во Прилеп е откриен споменик со неговиот лик.
Споменикот во бел мермер заедно со постаментот е висок 3,33 метри. Го изработи скулпторот Бранко Конески, кој е автор и на споменикот на Марко Цепенков, а ќе го работи и споменикот на Круме Кепески.
На чинот на откривањето на споменикот присуствуваа градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески и професорот Трајко Стаматовски.
– Прилеп е горд на својот сограѓанин, на академикот, писателот и основоположникот на македонскиот јазик Блаже Конески и со подигнувањето на овој споменик во бел прилепски мермер му се оддолжува на големото дело на Конески. Тоа е и обврска да го негуваме и да го надградуваме делото на Конески. Ова е и долг на локалната самоуправа на Прилеп кон својот голем сограѓанин, нагласи Ристески.
Според професор Трајко Стаматоски, прилепчани треба да бидат горди на Конески, на следбеникот на Мисирков и основоположник на македонската јазична мисла.
– Се што работеше, работеше за доброто на својата татковина. Тоа беше основната идеја во секој негов зафат и во научната, литературната и јазичната негова мисла, рече Стаматоски. Академик Блаже Ристовски истакна дека свето е делото на првиот претседател на МАНУ.
– Имаме многу долгови кон оваа култура, кон оваа наша наука, кон нашиот народ и неговата држава, кон големиот опус на Конески. А гласот на МАНУ треба да се слуша и да се чуе, зашто наша должност и законска обврска е да ја негуваме таа научна мисла, рече академик Ристовски.
За професорот Људмил Спасов, јазикот е нашата татковина, а треба да ги подигнеме стандардите и нормите на неговата упореба во јавниот живот.
– Јазикот е територија што не обединува и тоа важи за Македонците насекаде низ светот, особено за Македонците во
Република Македонија. Се снижува нивото на јазичната употреба, јазичниот стандард, но тоа е процес кој е и треба да е минлив. Поттикот го гледам токму во наставниците и сите културни дејци, рече Спасов, професор на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“.
Споменикот на Блаже Конески го финансираше локалната самоуправа на Прилеп која има намера да постави споменик и на Круме Кепески на „Литературниот плоштад“ во Прилеп.
Во чест на Конески денеска во Градската библиотека „Борка Талески“ се одржа и академија „Сеќавање за Блаже Конески“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


