| четврток, 6 декември 2018 |

Реминисценции

adrapo-sparai-90x115

Колумнист:
Ацо Станковски

Република Македонија е самостојна држава веќе дваесет и две години, но според мноштвото драматични случувања во нејзината најнова историја често се чини како да е независна повеќе од сто години. Ретко која држава за толку кратко време поминала толку премрежиња, толку авантури и толку пати била ставена на работ на сопствената егзистенција. Сепак, од сето ова и тоа како можат да се извлечат поучни искуства. Тоа најмногу важи за македонскиот народ, кој, навистина, покажа цврстина и волја константно да ја преиспитува својата позиција во сите сегменти од својата историја и да извлекува соодветни консеквенции во врска со внатрешнополитичката ситуација, но и со констелациите во кои е ставена државата на глобален и на регионален политички план.

Почетокот беше преполн со контроверзии, иако нашата држава релативно лесно се извлече од ужасниот судир во поранешната СФРЈ, кој почна со сецесијата на Словенија и на Хрватска. Тоа беше резултат на една политика на чекање и на двоумење, политика на едно мачно и неизвесно тактизирање во секој поглед.

Во вакви услови на недефинираност на поделената македонска политичка елита, конфронтираните страни, едноставно, немаа друг избор, освен да го одложат македонското прашање до времето на расчистување на најургентните проблеми, кои место да се решаваат, ескалираа во грозна граѓанска и меѓуетничка војна, војна што однесе преку двесте илјади животи, а чијашто највисока цена ја поднесоа Босна и Херцеговина и Хрватска, но и Србија, која иако воено супериорна на почетокот, на крајот беше сурово казнета од силите на НАТО.

Кога, конечно, македонското прашање доби свој епилог и сите мислевме дека еве мудрата и трпелива политика донесе еден многу добар резултат по државата, се појави нашиот јужен сосед како застрашувачко сениште од минатото и почна да го проблематизира нашиот државен статус на меѓународен план со апсурдното барање за промена на нашето историско и уставно име.

Тука веќе беше јасно дека политиката на одолжување и тактизирање, која донесе резултати во однос на судирот во поранешната СФРЈ, овој пат беше контрапродуктивна и ние го загубивме драгоценото време и го пропуштивме моментумот за дефинирање и за стабилизација на нашата надворешно-политичка позиција, која, во секој случај, се одразува врз внатрешните состојби на оваа сè уште кревка држава.

Тоа е, секако, првата голема поука, што се однесува до стратегијата и тактиката на една држава, ставена во турбулентен историски контекст. Со други зборови, соодветна тактика во одредени услови дава добри резултати, но во други услови истата таа тактика може да биде контрапродуктивна, па и фатална по интересите на соодветната држава.

Другата катастрофална грешка беше попустливоста пред уцените на нашиот јужен сосед, условното менување на името од Република Македонија во ПЈРМ и менувањето на дизајнот на знамето, од сонцето од Кутлеш, кое го има насекаде низ историски маркираните сегменти, во едно осумзрачно сонце со кое ретко кој Македонец се соочил во својот живот, а уште помалку овој симбол може да се види во историјата на Македонија, посебно во оваа варијација, која е аплицирана на ова, веќе со Уставот прифатено знаме, кон кое требаше да се создава нов емоционален однос од страна на граѓанството. Но, тезата на политичката номенклатура, колку неискусна, толку и вообразена од својата позиција на власт, да се создаде политичка нација, место историска нација, каква што, всушност, е македонската нација, создаде контроверзии и конфузија, од која се изроди една недостојна и субмисивна сервилност, колку одвратна, толку и недостоинствена и која се провлече сè до паѓањето на оваа лукративна, криминогена и предавничка политичка елита, која својата недоветност на сите можни политички фронтови ја компензира со едно криминално богатење, како резултат на стравотната корупција, која на најдраконски начин ја присвои општествената сопственост. А оваа ужасна и крајно неодговорна политика на овие управители со македонската држава, надуени птици, кои се како препарирани, му нанесе штета на нашето општество за децении. Сепак, народот научи добри лекции и консеквентно му стави крај на овој лигав терор на изборите во 2006 година.

Народот им даде време да се покажат, а трпението со кое ги толерираше, исто така, покажа симптоми на старите тактики, преполни со нерешителност и екстензивност. Сепак, како што велат мудрите, во секое зло има нешто добро. Во случајов е добро што сите криминогени играчи покажаа неверојатен степен на бесловесност и хипокризија. И колку што трпеливоста на македонскиот народ беше поголема, толку нивното нечовечко легитимирање беше поевидентно. Затоа, залудни се нивните сегашни ламенти, исполнети со злобна критика и нереални ветувања. Македонскиот народ веќе нема да наседне на играта на стаклените мониста. Никогаш повеќе.

Катастрофата со признавањето на Тајван, при кое се наруши целата геостратегиска позиција на Македонија и на глобален и на регионален план и која резултираше со малата гнасна војна, во режија на „меѓународната“ и со менувањето на Уставот, е дел од оваа сервилна, криминогена и лукративна непринципиелност. Но, и дизајнерите на оваа провинцијална и гротескна политика се консеквентно отстранети од македонската водечка политика за навек.

Новата власт, дојдена на избори во 2006 година, се чини ги научи овие лекции од минатото и почна да игра една многу поодговорна игра, што се одразува низ мноштвото изборни циклуси, на кои во низа жнее победи. Сепак, претстои огромна работа за подобрување на цивилизациската состојба во Република Македонија. Некои сегменти во системот се исправени и коригирани, но за некои крупни стратегиски грешки направени во минатото, ќе треба уште многу време за да се исправат. Но, едно е најважно – македонскиот народ да си го врати својот дигнитет и да здобие политичка зрелост.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top