Еден од најголемите стравови е стравот од гладта. Стравот дека ќе останеме ненајадени и дека ќе завршиме гладни.
Ако тргнеме по трагата на гладта, каде ќе стасаме? Првата пречка има едно многу чудно лице – се вика агресија. Зар?
Потоа, ситуацијата кога на природниот инстинкт за одржување (во живот) му се калеми естетиката. Наеднаш од примордијалниот крик за нешто да се стави во клун, инаку, готово е, човек се наоѓа во скапите, фенси-ресторани на покривот од некоја стокатница каде што веднаш до кујната има бавча со свежа органска храна… Тоа е диктатот од глобалните центри, како што се Њујорк, Париз, Токио, Дубаи, Лондон…
Најпрво, таму има толкав концентрат луѓе што ако си архитект, ќе мислиш во парадигми од илјада катови и како, наместо лифт, да подметнеш стаклена бавча со органски броколи. И рибник со органски лосос. Сега „органиката“ е поважна од вкусот, од рецептурите и од шмекот на Џејми Оливер – да биде скапо и органско е поважно од сè друго.
А, како воопшто дојде до болести? Како се скисели земјата до степен на отров?
Да се вратиме на стравот. Од една страна, страв, од друга – агресија. Која е спрегата? Има една изрека што многу помага при прошетките во планина, особено во лето. Змијата никогаш не напаѓа прва. Таа напаѓа само во одбрана, ако се почувствува загрозена! Тогаш е подготвена да го шприцне својот отров. Но, тоа е само една од многуте такви спреги во природата, „во случај на опасност“. Змијата се брани со тоа што напаѓа. Ако стапнеш врз неа, не сакајќи, од невнимание, отровот може и да те утне.
Истото е и со кучињата, особено градските песови-скитници. Тие напаѓаат поради тоа што се плашат.
Но, како сме стапнале на пестицидите?
Некаде пред крајот на 19 век почнува да се запрашува почвата , најпрво против разни бубачки, што ги јаделе компирот, семето, пченицата, овошките… Потоа, за да бидат повкусни, па да бидат мазни, па да светкаат, па да имаат правилна геометриска форма, па за да може самите да растат, да зреат автоматски, да се берат самите и полуавтоматски да стигнуваат до својата крајна дестинација – стомак… Така денес речиси целата храна што ја јадеме е пестицид. Конечно, таа може во форма на запрашувач против инсекти веднаш да се врати назад во почвата, без да мора да поминува низ дигестивниот систем на човекот.
Слично е и со водата. Велат дека флуорот што се става во градската вода за пиење влијае масовно врз населението за промена на полот. Ако се стави некое специфично распоредено количество флуор, може сите жени да станат мажи, а мажите- жени! И, пак, на крајот, сè да биде исто, само обратно. Проблемот секогаш го прават оние што по некоја случајност не пијат од флуорираната вода, останувајќи какви што се…
Можеби има нешто во онаа позната флоскула на Стив Џобс: „Останете гладни“.
Како и да е, и штрајкот со глад денес не е како во времето на Махатма Ганди, што ги има авторските права над овој вид давање отпор. Од обичен адвокат што живеел во ЈАР, Ганди станал лидер на индиската нација и нејзин водач во борбата за ослободување од британската власт, долг процес што траел целата прва половина на дваесеттиот век. Пасивниот отпор и граѓанската непослушност биле главните оружја со кои Индијците ја одработиле својата слобода.
Друга многу популарна метода за остварување на човековите права е бојкотот. Овој збор има интересно потекло. Доаѓа од името на еден англиски офицер од 19 век, што бил надзорник на имотот во една грофовија во Ирска. Селаните не можејќи да го трпат неговото самоволие, измислиле нова тактика на борба – наместо отворено да го напаѓаат, едноставно го игнорирале не извршувајќи ги неговите заповеди. Ги бојкотирале неговите наредби и така го победиле. Чарлс Каненгем Бојкот живеел од 1832 до 1897 година.
Денес најпопуларните штрајкови со глад се одвиваат во затворот „Гвантанамо“. Мирните протести на затворениците, што никако да ги судат или осудат, траат во континуитет од отворањето на затворот во јануари 2002 година до денес. Ваквиот вид отпор од минатата недела го применува и Јулија Тимошенко.
Таа соопшти дека го почнува штрајкот за да изврши притисок врз претседателот на Украина за потпишување договор со ЕУ. И ако треба да се одбере меѓу двете зла – од кои едното е генетски модифицираната храна, секако дека малку диета, ако ништо друго, поволно ќе влијае врз здравјето на некогашната премиерка…
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.