| четврток, 6 декември 2018 |

Мемети: Има подобрување на човековите права, но не е доволно

idzet memeti

Во Република Македонија се забележуваат извесни придвижувања во однос на човековите права кои даваат мал позитивен сигнал за подобрување, но далеку од тоа дека е доволно за јас како Омбудсман да бидам задоволен.

– Сите институции треба да вложат уште поголем напор за да можеме да кажеме дека квалитетно и ефикасно им овозможуваат на граѓаните да ги остваруваат слободите и правата, рече Мемети.

Одговарајќи на новинарско прашање Мемети вели дека карактеристично за годината што изминува е фактот што претставките до институцијата Народен правобранител од правосудната област повторно се во најголем број.

– Ова го потенцирам затоа што минатата година за првпат претставките од областа потрошувачките права беа поброојни. Загрижува тоа што и годинава забележлив е трендот на одолжување на судските постапки, но и постапките по управните спорови што доведува до отежнат пристап до правдата, а тоа не е добро за општеството генерално, нагласи Мемети.

Иако незначително е намален бројот на претставките од потрошувачките права, сепак и 2013 година, како што вели, покажува тренд на кршење на правата на граѓаните како потрошувачи или како корисници на електрична енергија, топлинска енергија и други комунални услуги.

– Токму заради тоа се уште сметам дека е потребно надградување на правната регулатива, со цел непречено остварување на правата на граѓаните и почитување на принципите на пазарното стопанство и правото на избор на потрошувачот како корисник на одредени услуги, додава тој.

На прашање за состојбата со условите во затворите народниот правобранител истакнува дека иако во изминатиот период е пуштен во употреба новиот затвор во Куманово, а во одредени затвори се преземени мерки за подобрување на условите, сепак преполнетоста доведува до драстично влошување на материјалните услови, како и до кршење на правата на лицата кои се лишени од слобода.

– Во таа насока и понатаму не се исполнети меѓународните стандарди за 4м2 по лице во просторија за сместување, а во поголем дел од затворите е затекната состојба на сместување на повеќе од 5 лица во една просторија што е законски максимум согласно Законот за извршување на санкциите. Иако нашиот систем се заснова на рехабилитација, сепак во најголемиот дел од затворите тоа изостанува, а воедно и не функционира образовниот систем, што пак го зголемува ризикот од создавање на повратници. Воедно во поголем дел од установите беше забележано немање соодветни услови за приемните одделенија што доведува до ширење на криминогената инфекција, вели Мемети.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top