| четврток, 6 декември 2018 |

Изложба на дела од Павле Кузмановски во „Матица ексклузив“

Во мултимедијалниот центар „Матица ексклузив“ е отворена изложба на слики од истакнатиот македонски уметник Павле Кузмановски, кој живее и твори во Тетово. Во оваа пригода авторот ќе се претстави со дваесет и девет дела.

Изложбата ја отвори македонскиот писател Ефтим Клетников, а беше проследена со музички настап на Васил Атанасов, обоа, и Дарко Багевски, гитара.

Павле Кузманоски е едно од најистакнатите имиња на современото македонско сликарство. Приредил педесет самостојни изложби, а учествувал на над двеста и педесет групни изложби во земјата и странство. Добитник е на национални и меѓународни признанија.

Со отворањето на изложбата, „Матица македонска“ ја продолжува востановената традиција да ги афирмира високите вредности на македонските сликари. Досега со свои изложби беа претставени Васко Ташковски, Коле Манев, Владо Георгиевски, Газанфер Бајрам, Глигор Чемерски, Симон Шемов и Илија Аџиевски.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top