Шефот на шведската дипломатија Карл Билд во младоста бил агент на ЦИА, објави рускиот телевизиски канал „Вести“.
Како што јави дописникот на МИА од Гетеборг, во прилог на телевизијата беше наведено дека Билд „се однесувал нетактички“ кон својот украински колега во текот на Самитот на ЕУ во Вилнус. Билд притоа наводно ја посочил Русија како актер кој стои зад одлуката на Украина да се откаже од потпишувањето на договорот со ЕУ.
За нештата да добијат историска поврзаност, водителот на споменатиот руски ТВ-канал оценува дека „повторно оживеала старата коалиција“ меѓу Шведска, Литванија и Полска, слично на нивното сојузништво во битката кај Полтава во 1709 година, која завршила со понижувачки пораз на шведскиот крал Карл Дванаесетти.
– Сега се чини дека коалицијата посакува реванш за дебаклот во 1709 година – беше потенцирано во прилогот на руската телевизија.
Во однос на Карл Билд каналот „Вести“ изнел и тврдења дека во младоста тој бил заврбуван од претставникот на ЦИА во американската Амбасада во Стокхолм.
Коментријќи ги ваквите тврдења Карл Билд во изјава за Шведската телевизија СВТ оцени дека „тоа веројатно не бил некаков ѕвезден миг на руската телевизија“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


