Владеачката коалиција во Украина на денешната затворена седница во Врховната рада не успеа да ја усогласи кандидатурата за нов премиер на земјата.
Партиските претставници од коалицијата „не постигнааа единство“ за прашањето кој треба да го замени Арсениј Јацењук, информира парламентарен извор, цитиран од ТАСС. Актуелниот украински премиер Јацењук на 29 декември изјави дека е подготвен да ја напушти функцијата, но само откако ќе ја доврши својата започната работа.
-Ако коалицијата одлучи дека сегашниот премиер не соодветствува на барањата – ќе има гласање, нова коалиција, нова влада. Јас со чест и гордост ќе го предадам управувањето со извршната власт на новата влада. Но својата работа ќе ја довршам, подвлече Јацењук во декември.
Во украинските медиуми денеска се појави информација дека администрацијата на Петро Порошенко ја разгледува можноста за највисоката владина функција да го предложи поранешниот шведски премиер Карл Билд. Тој, меѓутоа, негираше дека има намера да ја преземе оваа функција.
-Украина си има многу добар премиер. Нема основа тој да биде сменет. Прашањето да ја прифатам оваа функција воопшто не е актуално, рече Билд, цитиран од стокхолмскиот весник „Дагенс нојхетер“.
За претенденти на премиерската функција уште се сметаат и актуелниот министер за финансии Наталија Јареско, гувернерот на Одеската област (и поранешен грузиски претседател) Михаил Саакашвили, шефот на претседателската администрација Борис Ложкин, претседателот на Врховната рада, Володимир Гројсман и шефот на Советот за национална безбедност и за одбрана Олександар Турчинов.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.