Македонија е рангирана на 67. место според индексот на перцепција на корупцијата во 2013 година што претставува подобрување за две места во однос на рангирањето од претходната година.
Според денеска објавениот извештај на „Транспаренси интернешенл“ (ТИ) за 2013 година, од државите во регионот пред Македонија се Хрватска на 57 место, Турција на 53., Словенија на 43 место. Македонија го дели 67. место со Црна Гора. БиХ и Србија ја делат 72. позиција, Бугарија е 77, Грција 80, Косово 111, а Албанија е на 116 место.
Од рангираните 177 држави, најмалку корупција има во Данска, Нов Зеланд и Финска, а најкорумпирани се Авганистан, Северна Кореја и Сомалија.
Во извештајот се констатира дека ниту една земја во светот нема совршен резултат во борбата со корупцијата. Две третини се со помалку од 50 бода од можните 100 со кои се мери корупцијата.
„Транспраенси интеренешел“ констатира дека корупцијата останува сериозен проблем во светот. Апелира да бидат преземени глобални мерки против неа и појавите што ја поттикнуваат како што се перењето пари, нелегалното политичко финансирање и нетранспарентно работење на државните институции.
Индексот за перцепцијата на корупцијата се мери со скала од 0 до 100, а најмногу поени добиваат земјите каде што корупција е најмалку застапена, додека 0 добиваат најкорумпираните.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.