Ракометарите на Металург одиграа слабо прво полувреме против Вакер Тун и имаат негатива од 3 гола, 11-14, во меч од седмото коло во Лигата на шампионите. До средината на првиот дел се одеше според планот на домашниот тим во салата „Борис Трајковски“, па на повидок беше рутинска победа. Но, од резултат 9-6, ракометарите на Металург постигнаа само 2 гола, примија дури 8, и на одмор заминаа со негатива од 3 погодоци.
Голманот на Вакер Тун, Марк Винклер бранеше извонредно и нанижа 7 одбрани, меѓу кои и 3 седмерци. По еднаш Винклер им фати пенал на Вугринец, на Атман и на Наумче Мојсоски.
Извонредни 30 минути одигра и Вон Дешванден, бекот на Тун со дури 7 прецизни удари. Гостите од Швајцарија играат мошне добро, со смислени акции, ја разбиваа одбраната на македонбскиот вицешампион и сосема заслужено имаат предност по првото полувреме.
Кај Металург нерасположени се голманите, Станиќ и Мијатовиќ со вкупно помалку одбрани од Винклер. Мансаков, Вугринец и Атман беа најефикасни во таборот на домашниот тим со по 3 гола. Пред Металург се уште 30 минути за пресврт и победа што им носи пласман во Топ-16 фазата во ЛШ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.