Премиерот Никола Груевски, кон крајот на месец септември во рамките на економскиот дел од посетата на Соединетите Американски Држави, оствари посета на корпорацијата Форбс каде што имаше и средба со потпретседателот на корпорацијата, Kристофер Форбс, објави „Лидер“.
На средбата беше потпишан договор помеѓу Република Македонија и магазинот Форбс, еден од најреномираните магазини за бизнис во светот, кој печати околу еден милион копии на годишно ниво. Потпретседателот Кристијан Форбс тогаш даде позитивни оценки за македонските активности за привлекување на странски инвестиции, и изрази позитивни очекувања од претстојната соработка со Република Македонија.
-Форбс има скоро стогодишнo искуство во соработка со бизнис лидери во која меѓу другото советуваме каде да се инвестира. Ние сме среќни што ќе работиме со Македонија и ќе ги промовираме можностите кои ги овозможува Македонија, како што е неверојатно добриот даночен режим, рамниот данок што како стратегии Форбс ги поддржува, како и пријателската бизнис околина која што можеби некои локални светски бизнис лидери не ја познаваат, и ние ќе работиме со македонската Влада за да ја промовираме таа порака, изјави потпретседателот на Форбс по потпишувањето.
„Форбс“ во ноемвриското издание излезе со специјална едиција посветена на Македонија и економските перформанси кои ги поседува нашата земја, правејќи анализа на економијата. Во продолжение во целост го пренесуваме текстот објавен во „Форбс“.
Бисерот на Балканот, Македонија е крстосница на големите светски цивилизации: Античката македонска, римската, византиската и отоманската. Денес, нацијата, која постигна независност во 1991 година, го задржува своето мултикултурно наследство и под водство на премиерот Никола Груевски изгради отворен, про-инвестициски бренд, како бизнис рај во Европа.
Македонија може да се пофали со локација на помалку од 2000 километри оддалеченост од повеќето европски престолнини, исто така е во близина на Северна Африка, Азија и Блискиот Исток, и поседува одлична инфраструктура и исплатлива работна сила.
Како тоа да е недоволно, Македонската про-бизнис Влада ги спроведе мерките за стимулација на инвестициите, договорите за слободна трговија и правните гаранции за да биде уште повеќе профитабилна и конкурентна за потенцијалните инвеститори.
Уставот гарантира непристрасен третман на странските инвеститори, вклучувајќи и 100% сопственост, целосна заштита на правата и без ограничувања во однос на профитот. Странците можат да купат и инвестираат во недвижности. Македонија е членка на Мултилатералната агенција за инвестициони гаранции (МИГА) и има склучено договори за заштита на инвестициите со многу земји во светот.
При отворање на бизнис, едношалтерските и онлајн системи, овозможуваат регистрирање на компанија за само четири часа. Модерните закони за работни односи придонесуваат за флексибилно работно место, а издатоците и оперативните трошоци се пониски од оние на соседните земји. Инвеститорите имаат максимална корист од рамниот 10% данок на добивка и персоналниот данок на доход.
Извештајот на Светската банка за “Doing Business 2013″ ја вброи Македонија меѓу првите пет најголеми реформатори во светот, а Форбс ја оцени како 37ма на својата листа на “Најдобри земји за бизнис” минатата година, 45 места повисоко отколку во 2007 година. Со можности проширување на производството, слободни економски зони, недвижности, туризам, земјоделството и многу другите сектори, сега е вистинското време да се инвестира во Македонија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.