Ова момче кое порасна во державата Вевчани, и кое прерасна во најчитаниот и најпродуктивниот македонски поет на социјалната мрежа Фејсбук, а неговите песни со брзина на светлината се распослаа низ сите скопски, македонски културни прибежишта, конечно ги собра своите единствени креации од зборови на едно место и ги преточи на хартија, ги смести во време и простор, ги претвори во опиплива материја.
Во сабота, во клуб-ресторанот на Младинскиот културен центар со почеток во 19 часот, ќе се одржи промоција на првата збирка поезија на Дарко Лешоски насловена „Дете од лоша фамилија“ чиј издавач е „Табернакул“.

Промоцијата ќе биде од неформален и отворен карактер. За „ликот и делото“ на Лешоски накратко ќе зборува неговата професорка Маја Бојаџиевска, а претставник од Табернакул ќе каже збор-два зошто баш оваа издавачка куќа ја издава првата книга на Лешоски. По една песна ќе читаат актерките Синоличка Трпкова и Весна Петрушевска – на нивна желба и на задоволство на авторот.
За Дарко, за неговата поезија и пријателствата со него ќе зборуваат и новинарката Тина Иванова, неговата колешка Маја Марковска, поетот Јовица Ивановски и уште еден негов колега од „Оф-нет“, Сашо Мацановски-Трендо, за на крајот промоцијата да ја заокружат едноминутните „излагања“ на неколку негови другари.
За изборот на музика ќе се погрижи Соња Исмаил, a на многу невообичаен начин во текот на вечерта и во придружба на електронска музика стихови на Дарко ќе читаат и актерот Васил Зафирчев и Марија Зафирова, основач на „Театра“ .
Mожеби за првпат во Македонија, еден книжевен настан ќе биде пренесуван во живо на интернет и тоа благодарение на пријателите од Скопје Кежуал. Настанот ќе може да се следи на : http://www.peechweizz.mk/p/live-stream.html
Веднаш после „официјалниот“ дел на промоцијата за првите 100 продадени примерока на книгата следува и подарок од винаријата Стоби – главен покровител на овој настан.

Со голема страст и луцидност, неколку години наназад Дарко Лешоски живее во и со поезијата, целосно дисциплиниран како некаков тиранин. Но, тоа кај него е живот, тоа кај него е случајност, не е наметнато од некои други, или натоварено како багаж кој мора да го носи на грбот заради некакво си „чаламење“.
Дадено му е од Бога онака, како на тацна. А, тоа се гледа, се чита, се чувствува во секој негов напишан збор кој од неговата глава постојано, секојдневно испукува чиниш е истрел кој длабоко погодува, ама без крв.
Ретко кој може да одолее на поетскиот шарм и силната поетска, ама и човечка харизма што Лешоски ја има. Тој пишува за љубовта, тој страда во песните, тој ја начнува трагедијата, тој зборува за самотијата, за борбата, за смртта, но има позитивен поглед на животот. И сето тоа, низ еден локален ракурс, но не сфатен во негативна смисла, туку во симболичка.
Дарко Лешоски не е Ацо Шопов, Петре М. Андреевски или Константин Миладинов, иако тие се негови предци, па не е ниту Радован Павловски како еден од неговите овдешни идоли. Туку, тој едноставно е Лешоски, поетот на денешницата, оваа нова наша честопати тегобна, сурова, медикоритетска денешница која, ако ги читате неговите песни, сепак изобилува со љубов, со онаа вистинската, чиста, недопрена, неизгнасена љубов која се плаши да излезе на виделина и да го зароби злото.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


