| четврток, 6 декември 2018 |

Протести во Киев поради непотпишувањето на договорот со ЕУ

Илјадници Украинци се собраа вечерва на „Плоштадот на независноста“ во Киев во знак на протест против одбивањето на Владата да го потпише договорот за асоцијација со Европската унија.

Околу 5.000 демонстранти скандираат „Револуција!“. Протестот го обезбедуваат неколку стотици припадници на силите за безбедност. Според локалните медиуми, при протестите дошло и до судири меѓу демонстрантите и полицијата.

Демонстрантите го чекаат враќањето на лидерите на опозицијата, кои како и претседателот Виктор Јанукович, беа во Вилнус на самитот на ЕУ со земјите од Источното партнерство.

Форумот заврши денеска без потпишување на договорот за асоцијација меѓу ЕУ и Украина. Претходно илјадници демонстранти денеска во Киев формираa „жив синџир“ фатeни за раце, со што го симболизираа единство меѓу Украина и ЕУ. Синџирот, главно составен од студенти, започна на „Плоштадот на независноста“, кој е центар на протестите за поддршка на
европските интеграции на Украина, и се протегаше низ останатите улици на Киев.

Демонстрантите носеа знамиња на Украина и ЕУ, извикувајќи слогани за поддршка на европскиот избор на земјата. Украинската Влада минатата недела ненадејно се откажа од договорот за асоцијација со ЕУ, што предизвика повеќедневни протести, кои се најмасовни од т.н. „Портокалова револуција“.

Дводневниот Самит Источното партнерство на ЕУ со кое се опфарени Азербејџан, Белорусија, Грузија, Ерменија, Молдавија и Украина, денеска заврши без да биде потпишан историскиот договор за асоцијација и за слободна трговија меѓу Унијата и Украина.

Украинскиот претседател Виктор Јанукович во разговорите со европските лидери призна дека не сака да ги жртвува сегашните трговски врски со Русија, за сметка на договорот со ЕУ. Грузија и Молдавија денеска го потпишаа договорот со ЕУ, а Баросо најави започнување на преговори за безвизен режим со Белорусија.

Следниот состанок на Источното партнерство ќе биде одржан 2015 година во Рига.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top