Министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Попоски, во интервју за денешното издание на париски „Либерасион“ ги повикува Франција и Германија да го деблокираат процесот на приближувањето на земјата кон ЕУ, пренесува МИА.
Во интервјуто за весникот, македонскиот шеф на дипломатијата објаснува кои се причините за блокадата на Македонија, односно дека во 1995 година со времениот договор со Грција, земјата прифати да го промени својот устав и знамето, како и да даде гаранции за непроменливоста на границите.
Грција од своја страна се обврза да не го блокира процесот на зачленување на Македонија во меѓународните организации, како ОН, НАТО и ЕУ. Македонија прифати да се најде во ОН под привременото име „поранешна југословенска република Македонија“, додавајќи дека тешко може да се замисли понавредливо од оваа рефернца. Но, Грција, објаснува Попоски, ја прекрши својата единствена обврска во 2008 година блокирајќи ја земјата за членството во НАТО.
По ова, додава тој, Македонија поднесе тужба пред Меѓународниот суд на правдата од Хаг, кој пресуди дека Грција не ги почитува своите обврски, но и дека Судот не е полиција за да ја спроведува својата пресуда.
На прашањето како ЕУ може да ѝ помогне на Македонија, во одговорот за „Либерасион“, министерот Попоски со став дека е потребна поголема активност од Париз и од Берлин.
– Брисел се залага за почеток на преговорите за членство. Комисијата рече дека статус кво е предизвик за кредибилноста на процесот на проширувањето. Но, европското ангажирање има граници. Потребно е Франција и Германија да бидат поактивни за да се деблокира ова прашање – истакнува министерот Попоски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


