Постојат проблеми во јавното комунално претпријатие во општина Струмица . Сите вработени се повикуваат поединечно на разговор со раководството на претпријатието. Според извори од Стримица, на вработените им се нуди да потпишат договори за три месеци за плата од 8.500 денари, а другиот дел ќе им биде рефундиран од април, па натаму. Од договорите што ги потпишуваат вработените не им даваат копија за нив, што остава сомнеж дека вработените може да бидат изманипулирани.
Во јавното претпријатие Комуналец во Струмица, според тврдењата на дел од вработените, пред неколку дена имало штрајк поради доцнењето на исплата на две плати. На вработените што ќе проговорат за овој штрајк според наши извори, им се заканувале со бркање од работа. Директорот на претпријатието го негираше овој штрајк, но призна дека се соочуваат со незавидна состојба од која бараат излез.
„Курир“ вчера објави дека постојат основи за сомнеж дека ова јавно претпријатие било вклучено во предизборен скандал бидејќи на три дена пред локалните изборите на околу 1.300 семејства во Струмица им бил отпишан долгот за неплатени сметки за вода во вкупен износ од 36 милиони денари.
ЈП „Комуналец – Струмица“ на ден 21.3.2013 година, на три дена пред одржување на локалните избори изработило околу 1.300 индивидуални решенија за субвенционирање на неплатен долг, односно за бришење долг на сметките на граѓаните и ги доставило до нив. Овие решенија се донесени врз основа на Одлука на Советот на Општина Струмица донесена на 21.12.2011 година, по предлог на градоначалникот Зоран Заев. Овие средства во износ од 36 милиони денари сѐ уште не му се исплатени на јавното комунално претпријатие, што значи дека долгот на 1.300 семејства сѐ уште не е платен, односно петпријатието останало без 36 милиони денари со кои ќе можело да им исплати плати на своите вработени. Ниту општина Струмица, ниту ЈП „Комуналец“ не ја демантираа оваа информација, која отвори основа за сомнеж за предизборна злоупотреба на гласачите непосредно пред локалните избори. Револтот кај вработените во „Комуналец“ расте, а со тоа расте и притисокот на локалната самоуправа врз нив да го прикрие овој случај кој добива се пошироки димензии, објави „Курир“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.