| четврток, 6 декември 2018 |

Потрагата по претседателски кандидат во сенка на корнишоните на Заев

Додека некогашниот претседател на Собранието на Република Македонија, и еден од конструкторите на политиката на нашата земја во времето на нејзиното осамостојување, Стојан Андов, од денешен аспект се „присетува “ кој се бил предавник, а кој работел и дејствувал, во и за интересите на Македонија, опозицијата предводена од СДСМ се соочува со уште еден скандал. Скандал, кој нешто посебно не го потресе политичкиот субјект СДСМ, бидејќи тој и онака веќе неколку години наназад се наоѓа на дното ,туку лично претседателот на оваа партија Зоран Заев.

magdalena andonovska
Магдалена АНДОНОВСКА

Новиот лидер на партијата кој така залауфано одлучи да ја реформира својата партија и да воспостави поинакви критериуми на дејствуваење, но пред се да се одлепи од долгогодишното влијание на неговиот поранешен партиски шеф и вечен лидер на СДСМ, Бранко Црвенковски, падна на корнишони. Корнишоните, кои се дел од неговата втора професија( веднаш по лидерската), а во која се вмешани и поголемиот дел од неговото најблиско семејство, се чини дека му нанесе несомнено голема штета на неговиот рејтиин и тоа кога тоа најмалку му требаше.
Не сакам да навлегувам во елаборација на операцијата „корнишони“, односно дали е тоа комплетна вистина како што тврди власта, или уште една нејзина манипулација, како што се правда Заев, но морам да потенцирам дека оваа афера во јавноста одека многу силно, а опозицијата не најде начин, да се одбрани од неа, или во најмала рака да го соопшти својот став, кој би можел да звучи уверливо. Менаџирањето на јавноста, за која многу пати досега слушавме од страна на најблиските соработници на Заев, дека ќе биде на врвот на приоритетите на новото лице на СДСМ, се покажа како доста слаба. Обвинувањата до медиумите дека конструираат лаги, како и заканите до нив за поднесување на кривични пријави, беа само капката вода во чашата полна горчина која покажа дека новото лице на СДСМ, тешко и во иднина ќе се соочува со прашањата за нивната работа, односно со горливите теми кои ги таргетираат токму нив.
Ако претседателот на СДСМ, Зоран Заев не најде начин да се справи со оваа афера, која излегува веќе од рамките на домашната политика, односно добива меѓународен карактер, пред се поради фактот што токму тие корнишони излегуваат на европскиот пазар како производ од Република Македонија, многу е мала веројатноста, дека ќе успее да се ребрендира себе си во нов претседател на СДСМ, односно да го ребрендира својот политички субјект во ново лице, кое би требало да биде пандат на неговиот политички ривал ВМРО-ДМНЕ и Никола Груевски. Промените што ги прави внатре во својата партија, тргнувајќи од кадровскиот потенцијал, па се до начинот на функционирање, засега не го даваат потребниот ефект. Не е спорно дека за една ваква партија која долги години е залепена за дното потребно е време за да успее да се крене на нозе и да покаже активност која треба пред се да ги задоволи своите гласачи, а дури потоа да таргетира нови или неопределени , но исто така не може да се изземе фактот дека времето со кое располага СДСМ за една ваква акција, е повеќе од кратко.

НАДПАРТИСКА ЛИЧНОСТ СО СДСМСОВСКИ МАНИРИ

Ако судиме според анкетите за истражување на јавното мислење, претседателувањето на Заев со СДСМ, засега не ги дава очекуваните ефекти за една партија, која претендира да ја освои власта. Тие одат со премногу ситни чеори и со прилично забавено темпо, иако за такво „ланѕам“ движење нема многу време, пред се поради фактот што речиси на врата се претседателските избори, кои според динамиката треба да се одржат во март. Нешто повеќе од три месеци, во кои опозициската СДСМ треба да покаже не само покачување на рејтингот, туку и убедливост во изборот за свој кандидат за иден шеф на државата. Ако изборот на кандидатот се поврзува со рејтингот на партијата, тогаш СДСМ дефинитивно треба да биде спремен дека ќе доживее уште еден изборен дебакал. Можеби прв со Заев како претседател, но уште еден во низата изгубени изборни циклуси, кои ќе отидат на сметката на најголемата опозициска партија. Но, ако судиме само според изборот на личноста, која треба да ја трча претседателската трка, тука можеби и би можело да има некакво поместување, но само од аспект на покачување на бројот на гласови кои би завршиле на контото на СДСМ, но не и победа. Но, како до таков кандидат?
Веројатно во СДСМ сериозно размислуваат кого би можеле да го кандидираат за оваа престижна функција, бидејќи токму таа личност од една страна треба да ги задоволи апетитите на одредени партиски личности, но од друга, треба да биде личност, која ќе успее да ги придобие таканаречените неопределени гласачи, односно оние кои во неа ќе успеат да препознаат иден шеф на државата, кој ќе ги застапува правата на сите граѓани на Република Македонија. Да се изнајде ваква личност во СДСМ во моментов е ѓаволски тешка работа. Не само поради веќе најавените претседателски апетити на некои партиски функционери од СДСМ, кои поминуваат само кај одреден дел од членството на партијата, туку многу повеќе поради онаа таканаречена надпартиска личност, по која во моментов трага СДСМ. Потрагата по ова лице на СДСМ во ликот на иден шеф на државата, треба да се прави со речиси филигранска прецизност, бидејќи од неа ќе зависи рејтингот на партијата, кој во моментов е речиси на дното, но во исто време треба и да се смета на својот ривал ВМРО-ДПМНЕ, кој во секоја смисла е во сериозна предност пред опозицијата. Како во поглед на партискиот рејтинг, кој е речиси дупло поголем, така и во изборот на кандидати за претседател на државата, чија доверба во јавноста бележи сериозна предност пред оние од опозицијата.

ПОЗИТИВЦИТЕ И ГРОМ МУ ГО ЗЕДОА ЧЛЕНСТВОТО НА СДСМ

СДСМ во овој момент нема проблем само со својот политички ривал ВМРО-ДПМНЕ, околу изборот на кандидатот за прв човек на земјата. Се чини дека има многу поголем проблем со собирањето на своето гласачко тело, кое по формирањето на ГРОМ на Стевче Јакомовски и Позитивната алијанса за Македонија на поранешниот премиер Владо Бучковски, сериозно се ситни. Од овој аспект Заев се соочува со двојна битка. Како од една страна да го победи ВМРО-ДПМНЕ, но од друга, како своите довчерашни сопартијци да ги убеди да не се зачленуваат во овие две партии, или подобро речено како да ги убеди да застанат зад кандидатот за претседател на државата кој ќе го предложи СДСМ. Веројатноста да успее да ги собере под еден чадор сите довчерашни сопартијци, без оглед на тоа што сега имаат или се членови на други политички партии, е многу мала, но не и не изволдлива. Тоа едноставно ќе зависи од изборот на претседателскиот кандидат кој ќе го избере Заев. Но, во овој момент, ако се земат во предвид аферите што се движат околу него, особено оваа последната со корнишоните, која доби големи медиумски размери и надвор од државата, тешко дека ќе успее да ги убеди ГРОМ и Позитивната алијанса за Македонија во исправноста на својата одлука.
Секако дека не треба да се изземе и мислењето на албанскиот политички кампус, чии гласови покажуваат дека умеат и можат да го одлучат идниот претседател на Република Македонија. Не е спорна изјавата на лидерот на ДУИ Али Ахмети, дека нема намера неговата партија да го поддржи за уште еден мандат актуелниот шеф на државата Ѓорѓе Иванов, но несебично е спорна убеденоста дека токму тие, се оние кои одлучуваат. И да е тоа така, ваквата поставеност на ДУИ , како единствен мерител на значајноста за изборот на идниот шеф на држава, и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, за жал ги става во една бескрајно неизвесна, но и уценувачка позиција, која ако судиме според минатото на македонската политика, не е исклучено дека ќе роди нови и нови барања, за задоволување на албанските политички партии, односно нивните апетити кои секојдневно се зголемуваат.
Токму поради овој факт, и ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ треба сериозно да размислат кого би требало да го предложат за кандидат за иден шеф на државата. Кандидат кој нема да биде изгласан под уцени и несоборливи барања.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top