| четврток, 6 декември 2018 |

Оглас за комисија што ќе избира композиции субенционирани од Владата

vlada

Владата ќе распише оглас за создавање комисија за стручен избор на композициите од областа на музиката, кои ќе бидат субвенционирани. Членовите на комисијата ќе се одбираат во тесна соработка со музичките соработници, односно во неа ќе членуваат токму тие што се најстручни да го дадат својот вредносен суд во однос на изборот на 200 композиции што ќе добијат владина субвенција.

-Конкурсот ќе трае до 15 декември, а националниот сервис МРТ ќе биде носител на сите процеси. Од тие што ќе конкурираат ќе биде направена потесна листа од 40-50 кандидати, од кои ќе се избира комисијата по пат на електронски систем, а во неа ќе има пет до седум членови – истакна владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.

За членови на комисијата може да конкурираат автори на музика и на аранжмани, изведувачи, музички продуценти, како и музички уредници, а критериумите се наведени во огласот.

Конечната листа на членови на комисијата ќе биде избрана до крајот на годината, а во првата декада од јануари ќе биде распишен огласот на кој ќе конкурираат сите заинтересирани субјекти со своите композиции.

Од пропишаните 200, 150 треба да бидат народни и забавни композиции, а 50 детски.

Владината субвенција ќе трае 10 години и истата изнесува околу пет милиони евра, што, како што нагласи Ѓорѓиев, се средства што директно ќе влезат во музичката индустрија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top