Приватност е мала осамена плажа на крајот на светот. Всушност, прво е крајот, па плажата. Затоа е осамена.
Приватноста е легитимност на потребата од обратно, спротивно, различно и забрането.
Приватност е најскапиот гаџет на денешнината.
Приватност е кога одиш на преглед и му дозволуваш на лекарот да ѕирне во твојата внатрешност и дури, да употреби засилувач на звукот за да детектира можен шум каде што не треба. А кој може денес да знае каде му е местото на шумот? Се разбира, кога се вели шум не се мисли на шума во машки род.
Се мисли на непотребен, сомнителен и неприспособен звук во општата симфонија на пријатната и блага рамнотежа преку која вообичаено се манифестира состојбата на здравје.
Приватност е кога сакаш да размениш пари во менувачница без видеонадзор.
Приватноста е комбинација од твоите неостварени соништа за прекрасен свет и неколку задолжителни „патем“ компромиси на ултимативната живејачка. Приватноста му бега на секојдневието и не ретко личи на вежба што мора да се направи пред спиење за да се има мирен сон, но вежбата секој пат се одложува за утре. Одложувањето е јавно наддавање на твоите потиснати визии.
Приватност е кога Индијанец не сака да се фотографира бидејќи верува дека фотографијата му ја одзема душата. Кога го почитуваш неговото верување. Целиот нефотографиран свет и сè што нема да влезе во објективот на папарацитe.
Приватност е да го читаш Бакуњин во 21 век, на таблет и тоа не само во веце. Во јавниот превоз, во парк, во каква било чекалница. И кога ќе го зумираат насловот на книгата, тој да биде толку општ и добронамерен, што ич уво нема да ти чуе дека ќе видат што си читал. Ниту ќе те сомничат за последните нереди во градот… На трендот му поминува модата уште пред да стане тренд. Само во меѓувреме да не влеташ во заложничка драма, најчесто поврзана со брачна понуда. Приватност е да си доволно паметен да можеш сам да решиш дали си „за“ или „против“.
Приватност е кога на и-бај даваш оглас: барам љубов без врска…
Потоа, сепак, бараш врска за да го протнеш огласот на најчитаниот веб-портал на денешнината.
Приватност е кога ја почитуваш слободата на другиот дел од светот што почнува без тебе, а завршува во тебе. И пливаш како риба во вода во тој бумеранг на последица без причина.
Значи, без воопшто да рaзмислуваш. Нешто слично на булдожер… Ја напаѓаш празнината, или просторот помеѓу. Потоа доаѓа мигот на соочување со лекторот. Тој ти вели: те молам, пишувај разбирливо, да можат да те разберат и тие што никогаш нема да те читаат. Како Цезар… И секогаш ги наведува како репер најмалкуплатените професии (физичките работници, шоферите, техничкиот персонал) и, што е најинтересно, во истиот кош ги става и децата. А децата разбираат сè, но тоа е секогаш занемарено. Кога ќе рече деца, лекторот мисли на глупаци, а не на вистинските мали божествени суштества.
Која е таа професија што може да му го загарантира правото на уметникот да не биде разбран?
Приватност е кога единственото нешто што ти дише во врат е твојата мирна совест. За еден кибернетски воин нема поголемо оружје: спокојот и незасегнатоста. Ама, надвор почнува нешто како трета светска…
Нема ама. Поголема е штетата ако истрчаш неподготвен. Тоа се вика топовско месо. А со јазикот на видеоигрите, играта завршува уште пред да почне, поради твојата неизвежбаност. Што е подобро: да бидеш ладен или мртов ладен? Сè е подобро од Бин (Ладен).
Приватност е кога на твојата влезна врата ќе напишеш: Не сум во игра. И тоа ќе го почитува секој што ќе добие просветлувачки импулс да тропне на вратата. Известувањето ќе го натера да се замисли, а потоа да не тропне.
Слично на европскиот приватен клуб на избрано друштво: во својата шенген-зона, тие ги одредуваат правилата на дишење, спиење, јадење и уметност. Надвор од оваа зона, важат други правила и како ќе играш е твоја приватна работа. Незгодата почнува во мигот кога ќе се најдеш во некој вид тампон-зона, ни ваму ни таму.
Приватност е кога на некој што ти вели „Денар за твојата мисла“, му велиш: „Читај, што мора да ти кажувам…“ “A penny for your thought”, омилениот рефрен на луѓето што се љубопитни повеќе од „дозволеното“. Тие мора да читаат од воздухот. Или да им ја допуштат првиватноста на мислењето на тие што ја запоседнале тишината како место без мисла. Во политичка смисла, тоа ти е проклетството на далај-лама.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.